Вучиќ ќе отпатува во Њујорк, ќе се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека утре ќе отпатува за Њујорк, каде со делегацијата ќе се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница, која наредната недела е на дневен ред на Генералното собрание на ОН, а амандманите кои Црна Гора ги поднесе на резолуцијата ги нарече „валкана игра“.

„Утре одиме во Њујорк, четири до пет дена ќе поминеме во Њујорк, ќе имам голем број средби, а во четврток сите заедно ќе се бориме“, истакна денеска Вучиќ во телевизиско интервју.

Тој рече дека со него во делегацијата треба да одат само оние кои се „подготвени за борба на секој можен начин“.

Предлагачите на нацрт-резолуцијата за Сребреница ја утврдија конечната верзија на тој документ, за кој ќе расправа Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) на 23 мај, а во преамбулата на текстот стои дека „кривична одговорност според меѓународното право за злосторството геноцид е индивидуализирана“.

Иницијатори на предложениот текст беа Германија и Руанда, а амандманите на нацртот беа поднесени од Владата на Црна Гора.

Осврнувајќи се на амандманите што Црна Гора ги достави на резолуцијата за Сребреница, а кои главно беа прифатени, Вучиќ тоа го нарече „валкана игра“.

„Тоа е валкана игра и перфиден трик. Тие намерно оставаат простор за јасен заклучок за морална и политичка одговорност“, рече Вучиќ и додаде дека по враќањето од Њујорк ќе каже со кого за тоа преговарата Црна Гора.

19.05.2024 - 13:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега