Ѓорчев: Најбројната партија во Европарламентот со поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Македонија

 

Пратеникот од македонското Собрание, Владимир Ѓорчев, денеска во Европскиот парламент во Брисел присуствува на политичкото Собрание на Европската народна партија, која е најголема платформа на политички партии во Европа, со 73 членки, со најмногу пратеници во ЕП, јавува МИА.

Ѓорчев на ова Собрание ја претставува неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, кој е дел од ЕПП, при што главната точка денеска беше економската криза во Европа и претстојните избори за Европарламентот кои треба да се одржат следната година.

- Имаме голем број европратеници, членови на ЕПП, кои се дел од групата „Пријатели на Македонија”. Голем дел од нив, околу 20-тина членови на Европарламентот ја имаат и посетено Македонија, а пратениците на ЕПП се присутни во изборните кампањи на ВМРО-ДПМНЕ. Бев уверен дека апсолутно продолжува нашата комуникација со ЕПП и нивната поддршка за нашата земја, истакна Ѓорчев во изјава за МИА.

- Кажани се аргументите кои со години ги имаме, а се поврзани со грчките блокади. Одговорот е дека ЕУ функционира врз основа на консензус, па дека правилата се така поставени да една земја може да стави вето. Кажано е и дека тоа е непринципиелно, дека позициите на грчката Влада се спротивни на компромисот, дека Владата на Андонис Самарас води политика што не е добронамерна кон Македонија, посебно што има загрижувачки појави во самата Грција од структури и политичка партија како „Златна Зора” која гледаме дека нема мала поддршка во некои делови од Грција, додава пратеникот Ѓорчев.

За тоа дали во официјалниот дел на Собранието на ЕПП се говорело за Република Македонија и приемот на нашата земја во Унијата, членот на Извршниот комитет на владејачката партија негира.

- Се говореше во врска со проширувањето на Европската унија, но целиот овој процес е оставен за некои други времиња. Во моментов ЕУ е многу повеќе сконцентрирана на економската криза, прашањата поврзани со еврото, за што има охрабрувачки знаци со оглед на тоа што вториот квартал беше релативно подобар за европските економии, иако е тоа далеку од некаква разврска. Се што се однесува на проширувањето на Унијата е оставено за периодот по економската криза,  конкретен е Ѓорчев.

 

06.09.2013 - 13:14
Фото: 
Вест

најчитано сега