Мицкоски на 24 Вести: Нема да поддржиме промена на Уставот со цел промена на името

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва изјави дека опозициската партија нема да поддржи промена на Уставот со цел промена на уставното име ниту, пак, дека ќе поддржи недостоинствено решение за спорот со името.  Доколку дојде до взаемно прифатливо решение, тоа според Мицкоски, треба да биде ставено на референдум. 

- ВМРО-ДПМНЕ е конструктивна опозиција и ВМРО-ДПМНЕ ќе биде на масата затоа што ако се вратиме назад во минатото ќе видиме дека секогаш кога сме биле надвор од масата завршувало фатално за интересите на Република Македонија. За жал, некој сака да ја оттурне ВМРО-ДПМНЕ од таа маса, но ние тоа нема да го дозволиме, одговори Мицкоски во емисијата „Отворено“ на ТВ24 запрашан дали опозицијата ќе и даде поддршка на Владата за решавање на спорот со името.

Мицкоски рече и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да биде ничие алиби за неуспех, ниту пак ќе биде апологет, безусловен, на некое решение кое ќе биде спротивно на интересите на Република Македонија. Повтори оти во партијата нема дилема за стратешките интереси за членство во НАТО и во ЕУ.  

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не одговори дали неговата партија ќе даде поддршка доколку има прифатливо решение кое треба да се гласа во Собранието.

- Кога ќе дојде тој момент ВМРО-ДПМНЕ ќе се произнесе, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски кажа дека многу скоро ќе биде соопштено дали пратениците на партијата ќе се вклучат во работата на Парламентот.  Апелираше  да се повлече Законот за јазиците и рече дека амандманите, над 35.000, остануваат во собраниска процедура. Повика на разговори меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата во врска со амандманите за законот, за кој повтори дека е неуставен. Очекува во однос на амандманите да бидат почитувани процедурите и Деловникот на Собранието, а доколку има, како што кажа, егзибиционизми тоа ќе биде на штета на демократијата во Македонија.   

Во периодот што следи најави средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети на кого ќе му го соопшти ставот за Законот, но има план и за што поширока соработка со партиите на Албанците, особено со оние што се во Парламентот.  

Во однос на тоа дали ВМРО-ДПМНЕ успеа да го реформира судството, Мицкоски рече дека може да се каже дека тука не успеало.

- Како човек чувствам одговорност што не сум се занимавал со оваа тема. Ова е проблем што постои од осамостувањето и треба да биде за нас како политичари имепратив да се реши. Мотив на реформите во судството мора да биде немање пристрасност и да исчезне сервилноста, рече Мицкоски.

Посочи дека е апсолутно против користење на мерката притвор како притисок.

- Македонија е држава со најмногу терористи по глава на жител во затвор. Оваа одлука на судиите кои одредија мерка притвор за мене е вршење притисок и влијание врз притворените.  Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е без шест пратеници, што е 12 проценти зошто се во притвор и ако тоа не е притисок врз опозиција не знам што е, рече Мицкоски.

Посочи дека во иднина ќе се залага за реформи и решавање на овој проблем.

Мицкоски одговараше и на прашања поврзани со реформите во партијата и кадровската политика.

 

 

 

21.02.2018 - 12:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега