Заев: Тероризмот не познава религии, иднината е во регионална заедничка стратегија
Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со делегација на Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот предводена од Националниот координатор Борче Петревски, кој беше придружуван од замениците Џеладин Ајвази и Златко Апостоловски.
- Концептот на едно општество за сите испраќа порака дека се почитуваат сите религии и етнички заедници и како Влада поддржуваме регионален пристап и координација во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, нагласи Заев на состанокот, со членовите на Комитетот што е формиран како важна одредба од Планот 3-6-9 за зајакнување на институционалната структура за борба со овие безбедносни предизвици.
На средбата беше оценета важноста на заложбите за донесувањето и имплементирањето на двете Национални стратегии, за борба против тероризмот и за сузбивање на радикализација и насилен екстремизам, со придружни акциски планови, кои имаат за цел да развијат ефикасни и функционални механизми за справување со актуелните закани и ризици, соопшти владината прес-служба.
Премиерот истакна дека радикализацијата и насилниот екстремизам кои водат кон тероризам, се врвни безбедносни приоритети на Македонија, оценувајќи дека е многу важна соработката со земјите во регионот.
- Превенцијата и сузбивањето на облиците на овие закани подразбира координирана акција и заедничка стратегија со стратешките партнери на Македонија, САД, земјите на ЕУ, како и нашите соседи, рече Заев.
Членовите на Комитетот го запознаа премиерот со тековните и планираните активности со цел да се подигне свеста кај граѓаните на Македонија за имплементирање на пораката за поефикасно справување и превенција од насилниот екстремизам и тероризам.
Истовремено беше укажана потребата од вклучување и координација на одредени институции и локалната самоуправа со цел истата порака да биде пренесена до поголем број чинители во општеството.
На средбата меѓу Заев и претставниците на Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот беше разговарано и за Меморандум за соработка на ова поле со Албанија, кој ќе биде потпишан на претстојната заедничка седница на Владите на Македонија и Албанија, која ќе се одржи на 15 декември во Подградец.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа