Лепиткова: Директна одговорност за отпадот во Полог имаат градоначалниците

Соња Лепиткова на денешната трибина „Отворено со Комисијата за животна средина“ истакна дека справувањето со отпадот и отпадните води биле приоритет во Стратегија за користење на европските фондови.

-Од тие причини во изминатите години кога го направивме тој концепт на користење на европски средства, побаравме да се пријават регионите кои што сакаат да ги користат ИПА средствата. За жал, оние региони кои што денеска имаат најголеми проблеми со справување на отпадот, како што е полошкиот, охридско-струшкиот регион воопшто не пројавија интерес да ги користат европските средства со оправдување дека се уште менаџерски и капацитативно не се спремни да ги искористат тие средства, посочи Лепиткова.

Таа појасни дека се пријавиле источниот и североисточниот регион и, како што рече, за среќа денес изработена е документацијата. Таа вели дека во оваа фаза, ќе биде распишувањето на повик за набавка на опрема која е неопходна за работа со отпадот.

-Сите Совети на овие општини го изгласаа овој концепт и дури се согласија, локацијата која што е избрана за депонијата чиј почеток на изградба треба да стартува, распишување на тендерот, на почетокот на идната година. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги подготви досега сите документи и тендерската документација за да овој проект како таков, воопшто го види слетлото на денот. Од друга страна, ги јакневме капацитетите на Јавните претпријатија во тие региони, а за регионот на Полог и за југоисточниот регион се потрошија време и ресурси и средства, бидејќи нивниот концепт беше да влезат со тип на концесионирање или јавно-приватно партнерство, рече Лепиткова.

Појасни дека избран е концесионер, но поради високата цена која граѓаните треба да ја плаќаат за работење со отпадот, локалните самоуправи во овој регион не биле подготвени да влезат во тој проект, особено полошкиот регион.

-Јас тука одговорно би ги прозвала градоначалниците на Тетово, на Струга, на Кичево, на Дебар, па и на Гостивар и на помалите општини како директно одговорни зошто тој концепт не успеа, бидејќи со тоа ја покрија својата неспособност заедно со директорите на Комуналните претпријатија да можат да менаџираат со отпадот и да го решат тој горок проблем. Од тие причини се случија и несаканите последици од поплавите во тој регион, особено во тетовско, затоа што сите јаруги, долови и канали беа наполнети со отпад од секаков вид, особено комунален и градежен шут. Тоа предизвика големи последици, рече Лепиткова.

 

 

 

 

21.09.2017 - 20:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега