Новата министерка ќе го враќа предметот историја - нова концепција за основците

 

Тоа што не дава резултати, мора да биде променето. Одредени аспекти на Концепцијата за основно образование ќе претрпат измени, затоа што ниту наставниците, ниту учениците и родителите не се задоволни од имплементацијата и постигнатите ефекти. Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на средба со директорот на Бирото за развој на образованието, Абдулфета Фетаи на која се дискутираше за актуелните состојби во образованието и заложбите за нивно подобрување, во интерес на создавање поквалитетни ученички генерации.

„Планираме историја, географија, граѓанско образование и други предмети повторно да се изучуваат како одделни предмети, а не како во моментов да бидат фузирани и да се создава конфузија кај наставниците и учениците кои навистина секојдневно се прашуваат по кој предмет имаат час. Материјата мора јасно да биде разграничена, како што е пракса и во најголем дел од земјите во Европа и пошироко“, рече Јаневска.

На средбата се дискутираше и за состојбата со учебниците, особено во основното образование каде недостигаат по голем дел од предметите. Јаневска рече дека се прават напори истите да се обезбедат за сите одделенија пред почетокот на новата учебна година, додека за средното образование тоа ќе се случува етапно во следните неколку години бидејќи ситуацијата е навистина катастрофална.

Соговорниците зборуваа и за употребата и прoблемите при користењето на постојниот е-дневник, како и за придобивките од новиот кој вчера беше промовиран, а ќе се примени откако сите предуслови ќе бидат исполнети, што се очекува да се случи во текот на следната учебна година. Министерката посочи дека во овој преоден период од дигитализацијата на образованието, преку е-анкета ќе се слушне мислењето на наставниците за тоа дали во оваа фаза е потребно целосно укинување на хартиениот дневник или пак од корист би било пополнувањето на модифицирана верзија во која ќе се внесуваат само оценки и изостаноци.

 

27.06.2024 - 10:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега