Извештајот на СЈО во знак на покренатите обвиненија

СЈО денеска го објави четвртиот извештај на специјалната обвинителка Катица Јанева за работата на обвинителството.Извештајот, како што наведуваат од СЈО, се разликува од претходните три по поднесените обвиненија за повеќето истражни постапки. Во него се посочува дека поднесени се вкупно 18 обвиненија за 19 предмети против 120 лица за 168 кривични дела. Во текот на извештајниот период отворени се вкупно 7 нови истражни постапки против вкупно 25 физички и превземени се истражни дејствија спрема 4 правни лица.

„Несомнено дека поднесувањето на овие обвиненија претставува само еден чекор поблиску до исполнување на мандатот кој му е доделен на Специјалното јавно обвинителство во интерес на граѓаните на Република Македонија. Јас и мојот тим сме цврсто убедени дека во соодветна судска постапка ќе докажеме дека обвинетите ги имаат сторено кривичните дела кои им се ставаат на товар со поднесените обвиненија“, се наведува во извештајот на Јанева.

СЈО наведува дека досега обвинителите успеале да преслушаат 70 проценти од незаконски прислушуваните разговори. Во однос на трошоците на СЈО се посочува дека во изминатите шест месеци реализирани се средства во вкупен износ од 104.414.558,00 денари или 45,79% од одобрениот буџет за оваа година.

Јанева во извештајот изразува уверување дека во претстојниот период, а во што е можно покус рок, ќе се изнајде соодветно законско решение со кое ќе се регулира правната положба на Специјалното јавно обвинителство во смисла на обезбедување на законски механизми и отстранување на сите пречки со цел овозможување на обвинителството до крај да ги истражи кривичните дела кои се во негова надлежност.

Извештајот е доставен до Собранието на Република Македонија и до Советот на јавните обвинители на Република Македонија, согласно законот. Извештајот претставува преглед на работата на ова СЈО во изминатиот шестмесечен период, од 15 март до 15 септември 2017 година.

 

 

 

15.09.2017 - 15:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега