Поднесени 130 амандмани за Законите за медиуми

 

Почна амандманската расправа за предлог-законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која, според Деловникот за работа на Парламентот, треба да заврши за најмногу три дена. Вкупно 130 амандмани досега се поднесени за двата закона, од кои 94 за Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поголем дел од страна на опозицијата.

Дебата предизвика амандманот поднесен за Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во име на Владата, а се однесува на тоа за домашна продукција да се смета и онаа што е снимена од страна на македонски автори и автори припадници на заедниците во странство. Јани Макрадули од СДСМ смета дека власта во Македонија сака да го легализира она што не е легално во Европа, додека Игор Ивановски вели дека сега и турските серии, и српските и албанските, ќе се сметаат за наше производство имајќи предвид дека во земјата живеат припадници на овие заедници. Според него, во прашање се бизнис интереси на телевизиите и продукциите, а не се запазува ниту општествената одговорност на медиумите. Медиумите, вели Ивановски, нема да известуваат ниту да снимаат за околностите во кои живеат Турците, Србите, Албанците, па и Македонците во земјата, туку ќе прикажуваат серии и тамошни програми. Бидејќи програмите ќе се сметаат за домашни, сопствениците на ТВ и на продукциите, додава пратеникот, нема да плаќаат ниту данок.

Министерот Иво Ивановски, како предлагач на законот, кој го прифати амандманот, рече дека имајќи го предвид развојот на медиумскиот сектор и технологијата, која брзо се шири, голем број наши уметници снимаат и надвор од територијата на Република Македонија, но сепак тоа се дела на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници.

- Тоа се наши уметници на кои ние треба да им го дозволиме правото да снимаат надвор, но тие да се сметаат како наши дела, изјави Ивановски. Додаде дека доколку првичниот член не се сменеше делата на овие уметници немаше да бидат дел од квотата од 30 проценти за задолжително пуштање македонски содржини, 40 следната година, а потоа по 50 проценти, а за Јавниот радиодифузен сервис тие квоти се поголеми.  

Претходно, пратениците Владанка Авировиќ и Малиша Станковиќ повлекоа дел од поднесените амандамни за овој закон.    

Претседателот на Комисијата за транспорт и врски Реџаиљ Исмаили, имајќи го предвид бројот на амандманите, рече дека ќе се работи подолго за да се разгледаат сите. Опозицијата реагираше дека доколку предлагачите во предвидените три дена не се изјаснат за сите амандмани ќе биде прекршен Деловникот за работа на Собранието и ќе се ускрати правото на говор. По дебатата, Исмаили појасни дека во тој случај за амандманите само ќе се гласа, што дополнително предизвика реакција кај опозициските пратеници кои, меѓу другото, укажаа на недоречености на новиот Деловник, за кој тие не гласаа.  

За ВМРО-ДПМНЕ беа очигледни намерите на СДСМ за одлагање на носењето на законите, по што Макрадули од името на неговата партија рече дека гарантира оти тие нема да го блокираат носењето на Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Претходно, тој побара да се доработи овој закон, додека за Предлог-законот за медиуми побара да биде повлечен со образложение дека повеќето од новинарите не се согласуваат со него и оти регулативата од нас не ја бара Европската комисија.

Здружението на новинарите денеска информираше дека преку пратеник во Собранието поднесе амандман со којшто бара Предлог-законот за медиуми да се применува откако земјата ќе влезе во ЕУ. 

20.08.2013 - 15:58

најчитано сега