Почнува АКТО Фестивал за современи уметности во Битола
Денеска во Битола, во рамки на Битфест, почнува осмото по ред издание на АКТО Фестивалот за современи уметности насловено „Час по природа и општество“.
Годинава, Фестивалот посветува внимание на учењето, на мислењето, на обидот одново да се препрочита градот, историјата, културата...
Фестивалот ќе понуди голем кураторски проект насловен „Живи библиотеки: архиви на граѓанска непослушност“ на Ивана Васева, Филип Јовановски и Јованка Попова во рамки на кој ќе се направи обид да се изгради библиотека преку собирање и дистрибуирање литература која се однесува на граѓанска партиципација, активност и реакција по пат на донации од индивидуалци, претставници на невладиниот сектор и организации и здруженија кои се согласни да делуваат во насока на градењето на отворено и современо демократско општество.
Покрај тоа ќе има презентации на книги од страна на професори, издавачи, активисти, теоретичари и уметници, а ќе се одржи и работилница за деца насловена „Исцртување поезија, работилница со деца и родители“ со Христина Иваноска и Јане Чаловски од организацијата „Проектен простор прес ту егзит“ од Скопје. Ќе биде прикажано и кореографското деби на Вероника Валдес во продукција на Плесни театар Љубљана. Фестивалот завршува на 11 август.