Поради Сноуден Обама ја откажа средбата со Путин

Американскиот претседател Барак Обама ја откажа средбата со шефот на руската држава Владимир Путин, закажана за следниот месец, соопшти Белата куќа. 

Во соопштението се наведува дека Обама ќе учествува на самитот на Г-20 во Санкт Петерсбург, но нема да се одржи билатералната средба со Путин. 

Заменик-советникот за национална безбедност на Белата куќа Бен Роудс изјави дека одлуката на Русија од минатата недела да ги игнорира САД и да му даде привремен азил на Сноуден само ги влошила и онака тензичните билатерални односи. 

- Поради тоа што постои мала веројатност на средбата во Москва да биде постигнат напредок и во однос на други прашања од дневниот ред, претседателот одлучи да ја откаже средбата, додаде Роудс. 

- И натаму ќе соработуваме со Русија во однос на прашања за кои можеме да се најдеме на заеднички терен, но претседателот и неговиот тим за национална безбедност имаа ист став дека самитот нема смисла со оглед на тековната ситуација, нагласи Роудс.

Обама во моментов е во дводневна посета на Калифорнија.

16:29

најчитано сега