Тензично во СДСМ: „Ветувањата на Заев ни земаа 8 пратеници“

На тешки маки е опозициското раководство во пресрет на изборите закажани за 11 декември. Широкоградоста на Заев и делењето ветувања каде што ќе стигне, претставува вистински проблем за опозицијата во пресрет на формирање на кандидатските листи за пратеници.

Висок функционер од Бихаќка за Press24 брифира дека опозционерите не можат да најдат начин да ги задоволат желбите на сите оние на кои има ветувале поголемо политичко влијание во идниот парламентарен состав.
„Бројот на пратенички места е ограничен а секоја од партиите се бори за позиција. Дополнително, вклучувањето на невладините организации во кадровската понуда, го стеснува просторот. Навистина не знам што ќе се случува, но знам дека имаме сериозен проблем“ – вели функционерот.

Неофицијалните информации кои доаѓаат од Бихаќка, велат дека 5 до 6 сигурни места на листите дефинитивно одат за членовите на Шарената револуција. Идејата на Заев била на тој начин да ги спречи овие луѓе сами да формираат листи и да истрчаат на изборите што би одлеало дел од гласовите на кои смета СДСМ.

За таа цел, планот е да се намали бројот на пратеници кои ќе го добијат поголемите коалициони партнери на опозицијата, односно НСДП и ЛДП. Планот е тие да добијат по едно сигурно место на листите и уште едно место преку кое би добиле пратеник само ако СДСМ освои повеќе гласови од сите изборни циклуси во последните 10 години.

Во меѓувреме се преговара и за предизборна коалиција со дел од партиите кои тврдат дека му припаѓаат на десничарскиот блок. Обединети за Македонија се уште се дел од опозициската коалиција и ако до лани, не бараа место во врвот, сега лидерот Бошковски инсистира да добие најмалку едно пратеничко столче. Место во опозициската коалиција бара и Стојанче Ангелов но неговото слабо политичко влијание најверојатно нема да му остави простор воопшто да се надева на пратеничка плата.

Во ВМРО-НП се уште се мислат по која патека да тргнат на изборите. Опциите им се предизборна коалиција со СДСМ, но без посериозни позиции на опозициските листи или коалиција во третиот блок на Павле Трајанов и Јове Кекеновски.
Дел од десничарските партии вршат притисок врз Заев да излезе со конкретна понуда за да имаат доволно време да направат план за настапот на изборите. Од СДСМ пак, велат дека не можат да излезат со конкретни понуди пред конгресот на партијата кој е закажан за почетокот на идниот месец.

Математиката вели, дека во најдобар случај за формирање на опозициски блок, опозицијата ќе мора да отстапи најмалку 8 сигурни пратенички позиции, или нешто помалку од една четвртина од вкупниот број на пратеници на кои опозиционерите може да се надеваат на декемвриските избори.
За дел од членството на партијата тоа е исклучително ризичен потег, особено ако се има предвид дека овие луѓе понатаму тешко ќе се контролираат, што ќе отвори простор дополнително да се ослабат позициите на СДСМ во законодавниот дом.

 

 

 
 
19.09.2016 - 12:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега