СДСМ: Владата не потпишала Договор за приклучување на Македонија кон Јужен Тек

 

Се потврдија сомневањата: Владата во Москва не потпиша никаков Договор за приклучување на Македонија кон гасоводот Јужен Тек туку спогодба што одредува само техничка оправданост за проектот.

 

По седум години одложување на гасификацијата на Македонија, со оваа Спогодба, Владата само обезбедува уште едно одложување.

Членот 2 од потпишаниот документ вели:

„страните извршуваа анализа чија цел е одредување техничка, економска, еколошка и финансиска оправданост на реализацијата на проектот гасовод – крак“

Значи оправданоста не е утврдена, туку дополнително ќе се утврдува.

Приклучната точка и трасата на гасоводот не се утврдени и дополнително ќе се утврдуваат.

Укажуваме и дека според договореното, член 5, целосно се исклучува Регулаторната комисија за енергетика на Македонија од одредувањето на цената на гасот, што е во целосна спротивност со Законот за енергетика!

Со други зборови никој нема да може да ја контролира цената на гасот!

Спогодбата со Руската Федерација е општ документ кој не гарантира гасификација на Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ е на власт веќе осма година. Што правеа до сега ако дури сега ќе се утврдува оправданост на гасификацијата?

Силните изјави на Груевски и Ставрески дека гасификацијата ќе почне во 2007, па во 2008 година, па дека ќе финиширала во 2010, па потоа во 2012 година и во 2013 продолжуваат само во форма на најави.

Факт е дека СЕ што е изградено од гасоводот во Македонија е направено  од страна на Владите на СДСМ до 1998 година. Струмица и Куманово остануваат единствените гасифицирани градови во Македонија.

Со тој кредибилитет СДСМ се обраќа на јавноста на оваа тема.

Бараме од Владата да ги почитува граѓаните, да биде искрена кон јавноста и да соопшти има ли капацитет да го спроведе овој значаен проект за земјата. 

 

 (Интегрален текст од прес-конференција на потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски)

најчитано сега