Соопштен составот на новата албанска Влада

Новиот албански премиер, Еди Рама денеска на прес-конференција во Тирана го соопшти составот на неговиот владин кабинет.

Идната влада ќе има еден потпретседател, 16 министри и тројца државни министри.

Вицепремиер ќе биде Нико Пелеши, шеф на дипломатијата Дитмир Бушати, а министер за внатрешни работи Саимир Тахири. Шкелќим Цани ќе биде министер за финансии, Насип Начо за правда, а Арбен Ахметај за економија. Со Министерството за одбрана ќе раководи жена, Мими Кодели, исто како и со ресорот евоинтеграција, за кој ќе биде одговорна Клајда Ѓоши.

Поголемиот дел од министрите, како што рече и Рама, за првпат седнуваат во министерските фотелја, а дури шест од нив се жени. Според него, граѓаните на Албанија не гласале само за обична промена на една политичка партија, туку за промена на земјата, почнувајќи од промена на начинот на владеење.

- Владите на земјава во последните 20 години никогаш во својот состав немаа толку жени министри, а дури 90 отсто од сите владини функционери се првпат министри. Ова се знаци на револуцијата на гласањето од 23 јуни. Се е смислено со големо внимание за да имаме министри кои ќе бидат во служба на народот и ќе работат деноноќно на новата владина агенда за да се чекори забрзано кон албанската преродба, изјави Рама.

Инаку, албанската Централна изборна комисија се уште ги нема соопштено официјалните резултати од јунските избори, бидејќи се уште трае преразгледувањето на приговорите и пребројувањето на одредени гласачки места.

ФОТО: Плусинфо

 

најчитано сега