Аврамопулос: Од каде сте? Македонија? Па зошто не зборувате грчки?
Наместо да одговори на прашање, грчкиот министер за одбрана Димитри Аврамопулос се обидел да го навреди новинарот на Македонската информативна агенција, пренесува МИА. Откако Аврамопулос во текот на целиот ден избегнувал средби на кои може да биде прашан за името, новинарот на МИА успеал да му се доближи на министерот и да го праша дали при посетата на Вашингтон со американскиот колега Чак Хејгл го отворил прашањето на спорот за името. Аврамопулос, одговорил со сугестија дека Македонците треба да зборуваат грчки.
- Од каде сте? Македонија? Па зошто тогаш не зборувате грчки?, одговорил Аврамопулос на прашањето на дописникот на МИА, по што набрзина се повлекол на страна.
Грчкиот министер за одбрана, кој до неодамна беше шеф на грчката дипломатија, во Пентагон имаше куса средба со секретарот Хејгл. Согласно информациите од американскиот Секретаријат за одбрана, на средбата не станало збор за спорот за името.
- Секретарот Хејгл му се заблагодари на министерот Аврамопулос за натамошното распоредување на американски воени сили во поморската база во заливот Суда на Крит. Заливот Суда е клучна точка за американските стратегиски цели во регионот, чие значење беше дополнително јасно за време на операцијата Обединет заштитник во Либија. Секретарот Хејгл го поздрави грчкиот придонес кон регионалната сигурност на Балканот и изрази задоволство од грчката поддршка и соработка во НАТО. Секретарот Хејгл и министерот Аврамопулос разговараа за прашања од взаемно стратегиско значење на Средоземјето, Блискиот Исток и Северна Африка, вклучувајќи ги и Египет и Сирија. Министерот Аврамопулос го истакна партнерството на САД и Грција и се заложи да продолжат силните односи, соопшти американскиот Секретаријат за одбрана по средбата.
Аврамопулос е во Вашингтон на недела дена пред доаѓањето на грчкиот премиер Андонис Самарас, кој ќе има средба со американскиот претседател Барак Обама, потпретседателот Џо Бајден и државниот секретар Џон Кери. Во пресрет на посетата, американската администрација, преку неодамнешните сведочења во Сенатот на претставници на Стејт департментот, најавува дека затворањето на балканските прашања ќе биде поставено на агендата, но со акцент на прашањето на Кипар. Грчкиот министер, пак, се пофали со срдечната средба во Вашингтон и со грчките активности за надминување на економската криза, но не сакаше да прифати прашања ниту од единствениот друг медиум, Гласот на Америка на грчки јазик, кој дојде да ја проследи неговата посета.
Портпаролот на Аврамопулос се обидувал да го спречи присуството на МИА на церемонијата на дочекот во Пентагон, каде грчката делегација беше гостинска, како и на Споменикот на американското воено воздухопловство, меморијален центар отворен за јавноста, каде Аврампулос ја даде својата изјава, пренесува МИА.