Одбележани 15 години од загинувањето на Илиевски и Трпковски во конфликтот во 2001 година
На православните гробишта во Челопек и на разурнатиот мотел „Бриони“, членовите на семејствата и пријателите ја одбележаа 15-годишнината од загинувањето Светослав Трпковски и Боге Илиевски во конфликтот во 2001 година.
Зетот на Трпковски, Љупчо Начевски изјави дека и по 15 години сакаат да се откријат виновниците за, како што рече, овој трагичен настан од конфликтот во 2001 година.
- Сакаме да се расчисти случајот и да излезе правдината, кој е, зошто и како е убиството направено. Ова убиство не е зашто биле некому должни, туку ова е невиден злостор. Досега сме добивале многу ветувања, но тие сите биле празни, штом случајот не се расчистува, рече Начевски.
Илиевски и Трпковски беа убиени на 26 август 2001 година, од се уште непознати сторители. Тие загинаа откако биле врзани за потпорните столбови и кренати во воздух со мотелот „Бриони“ кај Челопек. Нивното загинување се случи две недели по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и пет дена по разурнувањето на Лешочкиот манастир.
Во стара состојба е и разурнатиот мотел „Бриони“ бидејќи дел од албанското население од Челопек се спротиставува земјоделската задруга „Единство“ да продолжи да стопанисува со него.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа