Брошура за правата и обврските на граѓаните кои патуваат со туристичките агенции

 

Секогаш склучете договор во пишана форма, но претходно добро запознајте се со договорот, препорачува брошурата за потрошувачите и нивните права при организирани туристички патувања што денеска беше презентирана во Министерството за економија.

Брошурата, изработена од Министерството за економија и Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) е двојазична на македонски и на албански јазик и може да се најде во турситичките агенции, како и на веб-страниците на Министерството за економија, ОПМ  и Стопанската комора за туризам (СКТ).

- Брошурата ќе им ги олесни летувањата и патувањата на туристите од Македонија кои се дел од туристичкие аранжмани што ги нудат туристичките агенции. Во неа се претставени обврските на туристичките агенции, но и правата и обврските на граѓаните кои патуваат, рече министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека голем дел од туристичките агенции во Македонија ги почитуваат правата и обврсктие кои се регулирани во Законот за туристичка дејност, но, нагласи, за жал има и такви кои се непрофесионални и работат нелегално.

Лани, како што истакна, до Министерството за економија стигнале 67 претставки од граѓаните на работата на туристичките агенции кои придонеле за затворање на 11 агенции. Главниот проблем со пријавите од граѓаните е неисполнувањето  на договорите кои патниците ги потпишуваа со агенциите.

- Апелирам до агенциите да ги почитуваат договрите со своите патници и она што го нудат за цената навистина да го реализираат за да не бидат санкционирани. На граѓаните, пак, им препорачувам секогаш да потпишат договор со агенциите, да внимаваат при изборот на аранжмани, да не прифаќаат нерелани понуди и да внимаваат на реномето на агенцијата која ја избираат, рече Сарачини.

Лани Државниот пазарен ионспекторат извршил 485 редовни, 53 контролни и еден вонреден инспекциски надзор согласно Законот за туристичка дејност. За утврдените неправилности поднесени се 18 барања за поведување на прекршочна постапка до надлежните основни судови и 8 барања до прекршочната комисија, а донесени се и 20 решенија во управна постапка.

Марија Лончар од ОПМ истакна дека од вкупно поденесните 719 поплаки од потрошувачите до Организацијата во текот на минатата година само девет биле против туристичките агенции.

- Граѓаните на услугите на туристичките агенции најмногуи се жалат на сместувањето или на проблемите со превозот. Кога ќе се пожалат кај нас ние им посочуваме дека во рок од осум дена по враќањето имаат право да се пожалат до труситичата агенција која го организирала патувањето доколку не се задоволни од услугата. Најверојатно проблемите ги решаваат со туристичките агенции, бидејќи повторно не се враќаат кај нас, рече Лончар.

Таа посочи дека од 719. поплаки до ОПМ во текот на минатата година, 194 се однесувале за гаранции, 67 за неквалитетни производи, над 60 за услуги од кои само 9 за услуги на туристичките агнеции, а дури 268 се однесувале за услугите што ги нудат јавните претпријатија. На туристичките агенции најмногу се жалеле за несоодветното сместување, а агенциите, како што рече, во најкраток рок се должни да одговорат на поплаките.

Министерот Сарачини посочи дека годинава се уште нема жалби од граѓаните на туристичките агенции.

- Се уште сме на почетокот на сезоната и досега не се констатирани нерегуларности кај турситичките агенции иако инспекциските служби уште од јуни се на терен и редовно ги вршат контролите. Очекувам годинава да наме апоплаки на работата на туристичките агенции, но сепак тоа ќе го видеме во септември кога ќе излеземе со официјалните резултати, рече Сарачини.  

Татјана Перовиќ Митрова од СКТпосочи дека годинава за 20 отсто е намален интересот на македонските граѓани за аранжманите што ги нудат туристичките агенции.

- Најмногу од граѓаните патуваат за Грција, по што следат Турција и Албанија, а помал интерес има за Хрватска и Црна Гора. Има и заинтересирани за аранжмани за Шпанија и други егзотични земји, а до Комората не стигнала ни една  пријава за проблем со патување во Египет, рече Перовиќ Митова.

Во Комората, како што посочи, членуваат повеќе од 150 туристички агенции од кои најголемито дел се со „А“ лиценца и ги почитуваат правилата и обврските.

- Туризмот е жива материја и може да се случуваат секакви проблеми. СКТ во 2009 година ги донесе општите услови за патување преку туристичките агенции кои воглавно се почитуваат. Сметам дека почитувањето ќе се зајакне доколку правилата се определат со закон или со подзаконски акти, рече Перовиќ Митрова.  

Министерот за економија истакна дека во Министерството се размислува за измени на Закопнот за туристичка дејност или за изготвување на нови подзаконски акти со кои ќе се обврзат македонските туристички агенциии најмалку 30 отсто од понудата да им биде за домашни туристички дестинации.

- Иако сме во фаза на размислување и се уште дефинитвно не сме решиле цениме дека нашите туриситчки агенции треба да понудат посебни туристички пакети за домашните дестинации за домашните туристи, но и за туристите од секоја странска земја посебно. Со исклучок на Охрид и Струга и можеби Маврово и Попова Шапка голем дел од македонските граѓани не ги посетиле другите туристички дестинации во земјава како туристи заради недоволната понуда, рече Сарачини.

МИА

најчитано сега