Г. Тимотеј: Решавањето на црковниот спор во Австралија зависи од тамошните македонски верници

 

Македонските верници што живеат во Австралија треба да се преиспитаат дали навистина сакаат да бидат дел од Македонската православна црква-Охридска архиепископија или, пак, не. Се додека во тамошните цркви служат расчинети свештенеци, нема да се создадат услови да ги посетам македонските црковни општини во Австралија. Во оваа насока дебарско-кичевскиот митрополит г. Тимотеј, задожен за координација и администрирање на црквите што не ја признаваат власта на мистрополитот Петар ја објаснува причината што не ја остварува најавената посета на Австралија. И покрај тоа што пред шест месеци беше постигнат договор меѓу Синодот на МПЦ-ОА и претставницте на црковните општини од Австралија, кои не ја признаваат јуриздикцијата на надлежниот администратор, владиката Петар, кој требаше да води кон конечно надминување на црковниот проблем, сепак, работите на австралискиот континент останаа непроменети.

- Во Австралија ќе одам кога ќе се создадат реални услови за тоа. Не можам да служам со расчинети свештеници во најголемите македонски цркви. Ниту, пак, сакам работите да се сменат само за моето доаѓање, а потоа некој распоп да се врати и да продолжи со служење во истите цркви. Тоа не е прифатливо ниту за мене, ниту за МПЦ-потенцира г. Тимотеј.

Не сака да го коментира исходот од судењето за црквата „Свети Петка“ во Рокдејл, велејќи дека тој дел од спорот нема никава врска со неговата надлежност во Австралија.

За посета на најбројната македонска црковна дијаспора на австралискиот континет, засега не размислува ниту Поглаварот на МПЦ-ОА. Иако не прецизираат која точно е причината, сепак таа лесно може да се лоцира во двојноста на управувањето на Австралиско-шновозеландската епархија

Иако г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ периодов е во посета на црквите во американско-канадската епархија, од неговиот кабинет не ја исклучуваат можноста и за посета на австралискиот континент. Сепак, црковни извори велат дека Синодот поставил епископ и за другиот дел од црковните општини, со сите права и задолженија како администратор. Тоа значи дека г. Тимотеј има легитимитет за решавање на работите, уште повеќе што бил прифатен и од таа заедница.

Легитимитетот на г. Тимотеј

Од друга страна, Здружението на македонските заедници во Австралија смета дека само владиката Тимотеј може да ги врати заедниците кои г. Петар ги одвратил од духовниот живот на Синодот на МПЦ-ОА, само ако Синодот и г.г. Стефан му дадат автономија, како надлежен владика на македонските православни заедници во Австралија. Тоа е едно одосумте барања во резолуцијата, кое се смета како еден од начините за надминување на долгогодишните црковни проблеми на австралискиот континент, што ги усвоило генералното собрание на Здружението, одржано на 24 март годинава.

Игор Аврамовски Александров, претседателот на Здружението на македонските заедници во Австралија упати отворена покана за посета, сепак, смета дека уставните ингеренции на владиката Тимотеј во Австралија засега се премногу нејасни и ја ограничуваат неговата работа, зашто тој е назначен како администратор на црковни храмови без епархија.

Во Уставот на МПЦ-ОА не постои функција или механизам за регулирање на такви односи меѓу владика и црковни општини. Синодот сеуште не одлучил дали да ја подели австралиската епархија на две епархии или да го смени г. Петар и да се регистрира само една епархија со сите храмови.

Александров во интервју за Прес24, го пофали г. Тимотеј, велејќи дека токму во таква ситуација владиката успева да ги смири долгогодишните тензии, односно да не дозволи да се зголемуваат, што е предуслов за натамошни чекори кон трајно решение за клучните правни прашања.

Преиспитување на расчитети свештеници

Јасно е дека најважно за мирот на австралискиот континент е да се реши и прашањето со спорните расчинети свештеници. Во резолуцијата на Здружението на македонските општини точно се посочува дека ако Синодот смета оти некои свештеници што служат во македонските православни општини (заедници) во Австралија биле валидно расчинети, тогаш да ги достават доказите, транскриптите, пресудите според кои ќе се утврди дали има вистинска основа за нивно оспорување.

Александров вели дека е спорно дали оние свештеници за кои Петар тврди дека се расчинети се валидно расчинети.

- Во храмовите се останати се уште само четворица „спорни“ свештеници, кои г. Тимотеј не смее да ги стави под своја директна надлежност заради одлуки на Синодот донесени под притисок на Петар. Но, Синодот не ја оспорува валидноста на венчавките, крштевките и други треби и служби одржани од тие свештеници-вели Александров. 
Според него, Синодот е свесен дека тие свештеници имаат по десетина до дваесет пати повеќе верници од што имаат свештениците на Петар, во паралелните храмови во непосредна близина.

Сепак, Александров парашува дали Синодот сака нов раскол помеѓу парохијани на нашите храмови, за да се задоволи осветољубивоста на Петар.

 

 

 

најчитано сега