Што значи одлуката на ДУИ за напуштање на Владата

 


Избори на 5 јуни, нова техничка влада или пак враќање на состојбите пред Договорот од Пржино. На 12 часа по објавувањето на одлуката на Ахмети да ги повлече своите министри од Владата политичките аналитичари не исклучуваат ниту едно од трите можни сценарија.

Според нив, најверојатно е она дека одлуката на ДУИ доаѓа во насока на гарантирање на 5 јуни како датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Во насока на тоа говорат и информациите дека при одложувањето на одлуката за распуштање на собранието и одржување на изборите на 24 април, Ахмети јасно му стави до знаење на американскиот амбасадор дека цврсто стои зад датумот 5 јуни и дека е подготвен да си поднесе оставка како политичар доколку врз него биде вршен притисок за одложување на изборите.
И во опозицискиот кампус сметаат дека одлуката на Ахмети е во насока на одржување на избори на 5 јуни.

„Поради одлуката на ДУИ владата паѓа и веднаш може да се распишат избори. Може да се направи влада на широка коалиција или пак да се формира ново парламентарно мнозинство што би избрало влада без ВМРО-ДПМНЕ. Во Уставот нема никаква пречка за сите тие варијанти. Но тргнувајќи од тоа како тие до сега функционираа, ова е договор со ВМРО. Соопштението на ДУИ што синоќа беше испратено со медиумите е многу штуро и не ги кажува нивните намери – вели Тито Петковски за соросовиот Плусинфо.
И екс потпретседателот на Собранието и пратеник од редовите на СДСМ, Јани Макрадули смета дека одлуката на ДУИ е бетонирање на 5 јуни како датум за избори.

Цврстото уверување што Ахмети го даде на Груевски на 15 јануари денеска се реализира. ДУИ му помага со напуштањето на владата да го бетонира 5-ти јуни...

Posted by Јани Макрадули on Thursday, March 31, 2016

Втората опција за аналитичарите е помалку веројатна но сепак постои. Тоа е поради силни притисоци за ново одложување на датумот ДУИ да предизвикува избор на нова влада која би имала поинаков состав од сегашниот односно би се вратила на составот пред Пржинскиот договор.

Што значи тоа?

-ДУИ има 9 министри во владата што е повеќе од една третина од вкупниот број министри. Тоа значи дека Собранието ќе треба да покрене постапка за избор на цела нова влада, односно мандатот за состав на идната влада да се врати кај шефот на државата кој ќе му го додели на лидерот на партијата со мнозинство пратеници, во случајот тоа е лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски. На тој начин, министрите на СДСМ би се вратиле во опозиција и би се оставил простор, за функционирање на политички легитимна влада до следните избори кои во вакви околности би се одржале најверојатно заедно со локалните идната година

 Третата опција е воспоставувањето на ново парламентарно мнозинство, со или без ВМРО ДПМНЕ. Математиката вели дека постои шанса да се формира и парламентарно мнозинство без политички највлијателната партија во Собранието, но тоа би било мнозинство на „стаклени нозе“ ако се има предвид дека ВМРО-ДПМНЕ располага со 59 пратеници и капацитет за коалиција со уште неколку, па во таква состојба, формирање на едно така „тенко“ мнозинство е преголем ризик, особено ако се има предвид дека зад владејачката партија стои огромна маса народ за која не може да се претпостави како ќе реагира во таква ситуација.

 

Не се исклучува ниту можноста за формирање на некоја поширока техничка влада. Дел од аналитичарите и познавачите на состојбите велат дека таква можност би значела бришан простор за меѓународниот фактор да изврши притисок за промена на името.

Од ДУИ до овој момент не излегуваат со детали. Партискиот портпарол Бујар Османи ноќеска околу полноќ за Прес24 кратко изјави дека повеќе детали ќе соопштат во текот на денешниот ден. По тоа и најверојатно ќе се знае што точно ќе значи одлуката на најголемата албанска партија во Владата.

Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да ја коментираат одлуката на ДУИ.

За потсетување, излегувањето на ДУИ од Владата е една од најчестите причини за предизвикување на предвремени парламентарни избори во македонската аполитичка историја.

 
 
01.04.2016 - 10:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега