Канческа -Милевска на снимањето на филмот „Лазар“

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на Филмскиот фонд Дарко Башевски вчеравечер во Градската општа болница „8-ми Септември“ присуствуваа на снимањето на сцени од  новиот македонски долгометражен игран филм „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат  Дејан Лилиќ, хрватскиот актер Ведран Живолиќ и Наташа Петровиќ, а во екипата се и Владо Јовановски, Тони Михајловски, актерите од Бугарија Красимира Кузманова и Александар Сано, хрватскиот актер Горан Навојец и  Александра Балмазовиќ од Словенија. Директор на фотографијата е Дејан Димески, сценограф е Игор Тошевски, а костимографи се Катерина Колимбатовиќ и Невена Чакловиќ. 

Филмот „Лазар“ е финансиски поддржан од Филмскиот фонд на Република Македонија, хрватскиот Аудиовизуелен центар, Националниот филмски центар на Бугарија, СЕЕ Синема нетворк, Аризона дистрибјушн и од европскиот фонд „Еуроимаж“.

Изразувајќи го своето задоволство од присуството на сетот, министерката за култура го потенцираше значењето на филмската продукција како значаен сегмент од областа на културата на Република Македонија.

- Евидентен е фактот дека од година во година се зголемува бројот на снимени филмови, кои учествуваат на повеќе филмски фестивали, а македонската јавност има можност да проследи филмови од најновата македонска филмска продукција. Министерството за култура и Владата на Република Македонија и во иднина ќе ја поддржуваат филмската продукција со цел да се поддржат што повеќе режисери, повеќе продуценти и, секако, повеќе филмови“, истакна Канческа-Милевска. 

Според министерката за култура, со измените и новиот Закон за Филмскиот фонд, ќе се обезбеди поголема поддршка за македонското филмско производство и за копродукциски проекти. Истовремено, предвидени се и повеќе поволности за привлекување странски продуценти кои би снимале во Република Македонија и би ги користеле нашите природни убавини. Една од поволностите е и можноста за враќање на ДДВ од 20 проценти. Таа истакна дека постои и голема заинтересираност за изградба на филмско студио во Република Македонија. 

најчитано сега