Словенија досега подигна 140 километри ограда на гранцата со Хрватска
Словенечката армија досега постави 140 километри бодликава жица долж границата со Хрватска, објавија денеска медумите во Љубљана.
Како што јави Фена, и покрај индивидуалните протести на локалното население, сопствениците на земјиштето, па дури и некои угледни поединци, Владата на словенечкиот премиер Миро Церар инсистира на продолжување на изградбата на оградата, оценувајќи дека опасноста од неконтролиран бегалски прилив се уште е надмината.
- Миграцискиот прилив е се помал, а бегалските рути наскоро ќе се затворат, но оградата се шири како туѓо тело во природата, каде очигледно и ќе остане, наведува љубљанскиот весник „Дело“.
Словенечкиот весник „Лист“ пишува дека оградата станала „нова нормалност“ за јавноста во Словенија, која на неа реагирала „млако“, иако за поставувањето на оградата немало никаква јавна расправа, бидејќи Владата тоа го прогласила за тајна акција.
„Лист“ истакнува дека целиот овој процес се одвива во атмосфера на милитаризација и радикализација на јавниот дискурс и ширење на страв од бегалците. Кога на тоа ќе се додаде и вообичаениот конформизам на јавното мислење и политички опортунизам, не е ни чудно што за поставувањето на оградата, според некои студии, поддршка даваат 80 отсто од Словенците, додава весникот.
Бегалците и жичаната ограда им овозможија на словенечките политичари да се ослободат од притисокот на политичката коректност и да го покажат своето вистинско лице, оценува „Лист“, кој смета дека тоа е дел од негативните процеси во ЕУ и несогласувањата за решавањето на миграциската криза.
- Бодликавата жица ќе остане како брутална и јасна слика за исчезнувањето на Европа во која верувавме и на Словенија каква што ја замислувавме. Жицата ќе остане без оглед на трите милјарди евра дадени на Турција, која во изминатава година овозможи зголемување на приливот на бегалците и без оглед на желбата на (германската канцеларка) Ангела Меркел за драстично намалување на бројот на имигранти, додава „Лист“
Шенген зоната наскоро ќе биде минато и ќе почне да се зборува само за одбрана на надворешните граници на ЕУ, пишува „Дело“ во посебен коментар, во кој оградата на словенечката граница со Хрватска се оценува како „симбол на колапс на слободното движење во ЕУ, чија надворешна граница сакала да ја заштити Владата на Словенија“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа