Во масакрот кај Смиљковци се пукало со пушка употребена во инцидентот во Белимбегово
Единаесет од вкупно 21 чаура од куршуми најдени на Смиљковско Езеро после петкратното убиство, се совпаѓаат со една чаура од друг случај со пукање, 1,5 година претходно. Ова било истакнато на денешното рочиште од судскиот процес на Монструм во Основен суд Скопје 1, пренесува Плусинфо
Денеска пред судот своја анализа презентирале две вешти лица. Тие споредиле траги од испитување на чаури од два различни настани - едниот е масакрот кај Смиљковци кој се случи на 12. април 2012 година, а вториот инцидент се случил на 22 ноември 2009 година, близу живинарската фарма Белимбегово. За овој случај, Фејзи Азири, кој е обвинет и во случајот Монструм, одговара за предизвикување општа опасност.
Според наодите на вештото лице, една од испуканите чаури во 2009-тата се поклопува со 11 чарури испукани од автоматска пушка, кои беа пронајдени на местото на петте убиства во април минатата година.
Според вештите лица, пренесува порталот, по масакрот кај Смиљковци, на вештачење биле донесени 21 чаура, од кои 11 биле од муниција за пушка 7,62х39 милиметри со траги идентични на една чаура од Белимбегово. Други две чаури иако биле испукани од ист калибар 7,62х 39 милиметри, сепак се разликувале од претходните 11. На местото биле пронајдени и други 8 чаури кои биле испукани од пиштол 9 милиметри „пара“.
Од ноември 2009 година, пак, биле вештачени 42 чаури од повеќе оружја, но, само една од нив е идентична со оние 11 најдени по масакрот во Смиљковци, пренесува Плусинфо.
Според адвокатот на обвинетите во Монструм, Насер Рауфи, МВР нема толку современа опрема за балистичко вештачаење и најави дека писмено ќе достави до судот имиња на други светски институции каде треба да се споредат чаурите.
Во случајот Белимбегово од ноември 2009, од различно оружје беа испукани куршуми кон земјоделци кои работеле на земјиштето. За овој случај правосилна пресуда за предизвикување општа опасност има за обвинетиот во Монструм Фејзи Азири, а останатите 3-4 маскирани напаѓачи не се идентификувбани.
Сеуште не е пронајдена автоматската пушка со која е испукана чаурата која се поклопува со чаурите од масакрот кај Смиљковци.