Македонија формира коридор за заштита и помош

 

Врз основа на предлог и известување на Групата за проценка на ризици со која претседава директорката на Центарот за управување со кризи Сузана Салиу, Управувачкиот комитет за менаџирање на состојбите со бегалците на вчерашната седницa одлучил да се операционализираат заклучоците од националниот Совет за безбедност, и на јужната граница со Грција да се преземат сите техничко-тактички мерки за насочување на протокот на бегалците кон контролните пунктови, заради регистрација и хуман третман, потврдуваат од Владата.

Оваа одлука подразира да се преземат сите мерки и чекори за да се обезбеди канализирање на протокот на бегалците, што вклучува и подигнување на заштитна ограда на границата, велат од Владата и потенцираат дека границата ќе остане отворена.

„Сакаме да потенцираме дека границата ќе остане отворена, ќе се пропуштаат сите бегалци кои се од регионите зафатени со воени конфликти како и досега што се пропуштаат. Ќе продолжиме да се координираме со другите земји и понатаму“, велат од Владата.

Според наши информации на почетокот, канализирањето на бегалците ќе биде извршено на одредени пролази на јужната државна граница.

Армијата на Република Македонија веќе започна со изградбата на европскиот коридор чија единствена цел е насочување.

„Македонија со ова им помага на мигрантите, но и на Европа, за подобро организирање и канализирање на мигрантите преку различни форми на стеснувања и организација на рутата со дополнително зголемување на безбедноста на земјите, но и на мигрантите, хуман третман, а со цел да се минимизираат и сите безбедносни ризици“, истакнуваат од АРМ.

Во Управувачкиот комитет членуваат министерот за здравство Никола Тодоров, министерот за одбрана Зоран Јолевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, заменик министерот за внатрешни работи Митко Чавков, претставници од Владата, кабинетот на премиерот, АРМ и други институции.

 
 
28.11.2015 - 10:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега