Канческа-Милевска на деновите на македонската култура во Брисел

 

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вечерва во Брисел ќе ја отвори изложбата „Традиционални костими и накит од Македонија“ на Музејот на Македонија, пренесе МИА.

Оваа изложба е помогната од Фламанското министерство за надворешни работи во Брисел, а во рамки на манифестацијата „Денови на македонската култура“, што е во организација на Министерството за култура и Амбасадата на Република Македонија во Белгија. 

Пред белгиската јавност ќе бидат презентирани 12 комплети традиционални народни носии и накит од различни краеви на земјава. Носиите и накитот, кои потекнуваат од крајот на 19 век и почетокот на 20 век ги отсликуваат високите културни вредности и посебностите на етнокултурниот развиток на Република Македонија. 

На 26 април во Центарот за култура во бриселската општина Етербек ќе биде претставено духовното богатство на македонската фолклорна ризница во духот на женското пеење ќе го презентира музичкиот етносостав „Синтезис“. 

Деновите на македонската култура во Брисел ќе завршат со претставувањето на македонската филмска продукција преку играниот филм „Пред дождот“ на режисерот Милчо Манчевски, кој се закити со „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал, а беше номиниран и за наградата на Американската филмска академија за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, како и филмот „Илузија“ кој е прогласен за најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал „Anchorage“ во 2005 година. 

Од Министерството за култура информираат дека за време на престојот во Брисел, министерката Канческа-Милевска ќе оствари билатерална средба со министерката за култура на Фландрија, Жок Шувлиеж.  На оваа средба двете министерки ќе разговараат за интензивирање на соработката во областа на културата меѓу двете земји. Канческа-Милевска ќе оствари билатерални средби и со генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Фландрија, Верлект, со градоначалникот на Брисел, Фреди Тјелеманс и со генералниот администратор на „Валонија Брисел интернационал“.

ФОТО:СИтел

најчитано сега