Претседателот Иванов во работна посета на Аризона

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по посетата на Канада, заминува во посета на Аризона.

- Врз основа на сите средби, контакти и разговори што ги водевме, можам да кажам дека станува збор за исклучително успешна посета на Канада, бидејќи се поттикнаа многу можни идни соработки и можности за продлабочување на веќе воспоставените соработки. Особено на средбата со претседателот на Сенатот беа иницирани многу нови иницијативи и идеи преку кои може двете општества да комуницираат, да се надополнуваат и да разменуваат свои искуства. Тоа, пред се, се однесува на соработката во високото образование и на продлабочување на веќе поттикнатата економска соработка која постои. Тука голем придонес има и македонската заедница во Канада, бидејќи е влијателна и почитувана и токму поради тоа што досега го направила македонската заедница за канадското општество, постои подготвеност кај канадските лидери да се продлабочува таа соработка,изјави Иванов за посетата на Канада.

Шефот на државата посебно се осврна на средбите со претставниците на македонската заедница во Канада.

-Нешто што беше истакнато и од сите присутни, и од македонската заедница, е фактот што веќе во еден град во Канада три улици носат македонски имиња. Беше импресивно да се присуствува на чин кога се пее македонската химна, се подигнува македонското знаме и кога на македонската заедница и се одаваат сите оние почести и признанија што ги заслужува како дел од овој мозаик, кој е наречен Канада, изјави претседателот Иванов, говорејќи за одржаната свеченост во општината Маркам.

По посетата на Канада, претседателот Иванов од денеска до 28 април ќе престојува во работна посета на Аризона, САД.

Македонскиот претседател ќе учествува на Форумот Седона - 2013, во организација на „Институтот за меѓународно лидерство – Меккејн“, на кој ќе учествуваат видни личности од политичкиот живот од повеќе држави во светот и на кој претседателот Иванов ќе има свое обраќање.

Во рамки на работната посета на Аризона, претседателот Иванов ќе го посети и Државниот универзитет „Аризона“, каде ќе биде потпишан Меморандум за соработка меѓу Државниот универзитет „Аризона“ и Министерството за образование и наука на Република Македонија. Воедно, претседателот Иванов ќе одржи предавање во рамки на Choncoff Lecture Series на тема „Македонскиот модел на толеранција и различности, лекции од минатото или рецепт за иднината“.

најчитано сега