Павловска Данева ја потсети Европа на настаните од 24. декември

 

Македонска собраниска делегација учествува на 22. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, која се одржува од 28 јуни до 3 јули во Истанбул.

Од Собранието информираат дека на сесијата, чија главна тема за дискусија е „Хелсинки + 40“, учествуваат повеќе од 250 пратеници од 55 парламенти членки на ПС на ОБСЕ. Од Собранието на Република Македонија на сесијата учествуваат Ана Павловска Данева, шеф на Делегацијата и Џеват Адеми, заменик-член на Делегацијата

Свое обраќање пред пристутните во рамки на дискусијата на седницата на Комисијата за демократија, човекови права и хуманитарни прашања имаше Павловска Данева.

Oсврнувајќи се на процесот „Хелсинки + 40“, Данева изрази уверување дека со приближувањето на 40- годишнината од Хелсиншкиот финален акт, овој процес ќе придонесе да се консолидира меѓусебната доверба и да се премостат разликите меѓу земјите на ОБСЕ. Павловска Данева информираше за настаните во Собранието на Република Македонија од 24 декември 2012 година, кои  според неа претставуваат поткопување на уставниот поредок и принципите на владеењето на правото и демократијата, како и кршење на слободата на изразување и на медиумите. Таа изрази очекување дека Комисијата која ќе ги истражува настаните, ќе работи ефикасно и ќе излезе со свои заклучоци до крајот на месец јули, што ќе претставува основа за нормализирање на политичкиот дијалог во Македонија и поттик за евроинтегративните процеси во земјата.

Павловска Данева ги повика земјите-учеснички во ОБСЕ целосно да се придржуваат кон преземените заложби во врска со почитувањето на човековите права, основните слободи, демократијата и владеењето на правото.

На инаугуративната седница пред членовите на ПС на ОБСЕ им се обратија Волфганг Гросрук, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Џемил Чичек, претседател на Големото национално собрание на Република Турција, Леонид Кожара, министер за надворешни работи на Украина и претседавач со ОБСЕ, Ахмет Давутоглу, министер за надворешни работи на Република Турција, и Ламберто Заниер, генерален секретар на ОБСЕ.

Претседателот Волфганг Гросрук ги повика парламентарците активно да се вклучат во активностите на ОБСЕ, бидејќи само на тој начин Парламентарното собрание може да одигра значајна улога во меѓународната заедница. Господинот Џемил Чичек, претседател на Турскиот парламент се осврна на потребата за борба против расизмот и ксенофобијата и на хуманитарната криза во Сирија.

Господинот Емин Онен, шеф на Турската делегација во Парламентарното собрание на ОБСЕ ја прочита пораката од Реџеп Тајип Ердоган, во која се истакнува дека Парламентарното собрание треба да има водечка улога во рамките на ОБСЕ.

Претседавачот со ОБСЕ, Леонид Кожара, министер за надворешни работи на Украина, информираше за приоритетите на Украинското претседателство со ОБСЕ и одговараше на прашања од пратениците. Тој ја нагласи подготвеноста на Украинското претседателство тесно да соработува со Парламентарното собрание на ОБСЕ, со цел за продлабочување на заедничките приоритети. Министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Давутоглу се осврна на претстојната годишнина од Хелсиншкиот финален акт и порача дека ваква „хелсиншка иницијатива“ е потребна за земјите од Блискиот Исток и Северна Африка.

Генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер се задржа на потребата за продлабочување на интерпарламентарната и меѓувладината соработка, како и соработката ма ОБСЕ со други меѓународни организации.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска со политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина. 

најчитано сега