Со финансиската поддршка од државата за иновациските проекти до нови работни места и технологии

Финансиската поддршка од државата за иновациските проекти резултира со нови работни места и примена на нови технологии. За развој на иновациските активности има потенцијал со добро осмислени проекти. Тоа го оценија учесниците на денешната презентација на можностите за финансирање иновативни проекти на старт ап и спин оф компании,  во организација на Фондот за иновации и технолошки развој.

Преку тековниот повик на Фондот се обезбедува финансиска поддршка со вкупен износ од 600 илјади евра, а проектите што ќе се финансираат се до 30.000 евра, односно покривање на 85 проценти од  трошоците.  

- Таргетот за овој повик е дека ќе финансираме околу  20 компании, а се надеваме дека секоја компанија ќе има барем пет лица коишто ќе бидат задолжени за активностите за реализација на проектот, но не ги условуваме од старт да прикажат точно пет, на некои може ќе им треба повеќе, на некои помалку вработувања, изјави Јасмина Поповска, директорка на Фондот за иновации и технолошки развој на РМ.

Во Фондот за иновациска дејност во Србија имаат искуства со вработување на едно лице со 100 проценти од времето и на уште едно со 50 проценти, односно да  имаат успешна реализација и капацитет да го реализираат. Сепак, истакнува Поповска, самите  компании треба да предвидат колку вработени им се потребни за да го реализираат проектот. - Се надевам дека со спин  оф компаниите тоа ќе бидат студенти коишто ќе бидат ангажирани во рамки на проектите  да стекнат и искуства и да имаат некаков работен ангажман, посочи Поповска, потенцирајќи дека со повикот може да се финансираат проекти од сите сектори. 

Според Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори, старт ап и спин оф компаниите реално тешко доаѓаат финансии, а првата транша од 600.000 евра на Програмата на Фондот за иновации ќе има позитивна улога за нивниот развој. 

- Овие компании се во категоријата на компании кои најтешко реално обезбедуваат средства  и доаѓаат до финансии  во комерцијалните банки. Затоа сметаме дека Фондот за иновации и технолошки  развој ќе има позитивна улога за овие старт ап компании. Ги охрабруваме овие старт ап компании да влезат во категоријата на компании кои  ќе бидат оценувани за да ги добијат овие средства за воведување на иновациите, изјави Алексов.

Очекуваме, додаде, дека компаниите што  ќе се формираат ќе бидат базирани на знаење, но исто така и на повисоки технологии кои ќе обезбедат повисок извозен потенцијал. 

Иновациските проекти, според директорката на српскиот Фонд за иновациска дејност Наталија Сандиќ, има потенцијал.  Преку програмите на српскиот Фонд, кој фукционира 3,5 години, досега се отворени 300 работни места. - Во изминатите 3,5 години алоциравме 6 милиони евра за 53 иновативни проекти, преку кои се вработени над 300 лица и се ангажирани над 30  институции  и над 100 експерти кои се занимаваат со истражување и развој. Резултатите се уште  се сумираат затоа што имплементацијата на проектите се уште трае, изјави Сандиќ.

Нашата порака, додаде, е да ги охрабриме потенцијалните апликанти од Македонија бидејќи и ние кога почнувавме бевме малку скептичн дали навистина постои потенцијал. Но во изминатите години примивме над 470 апликации и се докажа дека постои потенцијал, изјави Сандиќ.

За промоција на тековниот повик за старт ап и спин оф компании Фондот за иновации и технолошки развој ќе реализира дополнителни информативни настани.

 

 

Оцени ја веста

02.03.2015 - 12:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега