Заедничка седница на владите на Македонија и на Србија
Владите на Република Македoнија и на Република Србија денеска во Скопје ќе одржат заедничка седница на која ќе претседаваат премиерите на двете земји Никола Груевски и Александар Вучиќ.
На заедничката седница треба да бидат разгледани повеќе прашања од билатерален интерес, а предвидено е потпишување и на неколку меѓувладини договори. Се очекува да стане збор и за европската интеграција на двете земји, за регионалната соработка, за унапредување на економските односи, за зголемување на трговската размена, како и за заеднички инфраструктурни проекти.
Покрај заедничката пленарна седница, предвидено е премиерите Груевски и Вучиќ да имаат и тет-а-тет средба, како и заедничка изјава за медиумите.
Српскиот премиер Вучиќ ќе се сретне и со македонскиот претседател Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
Ова е втора заедничка седница на владите на Македонија и на Србија. Првата беше одржана на 3 јуни 2013 година во Белград.
Освен со Србија, Владата на Македонија досега има одржано заедничка седница и со Владата на Бугарија, на 28 јули 2013 година во Ќустендил, а иницијативи за одржување меѓувладини седници има и со Албанија и со Косово.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа