Бесими во Даблин по ирска поддршка за Македонија

 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими од денеска престојува во работна посета на Ирска. Од Секретаријатот за европски прашања информираат дека Бесими се сретнал со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Ирска Еамон Гилмор и со министерот за европски прашања Лусинда Крејтон.

 Бесими го презентирал статусот со имплементацијата на активностите поврзани со европските реформи, како и мерките кои се реализирани за исполнување на целите опфатени со Пристапниот дијалог на високо ниво. Истакнал дека членството на Република Македонија во ЕУ останува главен стратешки приоритет на земјата и оти Владата останува посветена на исполнување на сите преземени обврски кои се дел од процесот на европска интеграција. При тоа, тој посочил дека постигнатиот напредок беше позитивно оценет и во пролетниот Извештај на Европската комисија.

 Вицепремиерот Бесими се заблагодарил за континуираната поддршка на Ирска за членството на Македонија во ЕУ. Тој посочил дека Македонија очекува на Самитот на ЕУ да се разгледа Извештајот за прогресот на Република Македонија и да се даваат соодветни заклучоци.

 Соговорниците истакнале дека Ирска го поддржува членството на Македонија во ЕУ и посочиле оти е важно тој процес да се забрза, да се најде решение за отворените прашања со соседите.

 За време на посетата во Даблин, вицепремиерот Бесими имал обраќање во Институтот за европски и меѓународни прашања на тема „ЕУ интеграции на земјите на Западен Балкан – предизвици и можности“, во присуство на дипломати од други земји, како и академски личности.

 Бесими во Даблин имал средба и со членови на Комисијата за европски прашања при Парламентот на Ирска.