Телото на владиката Кирил поставено во соборниот храм во Тетово

 

Телото на упокоениот митрополит Полошко-кумановски господин Кирил денеска беше донесено и поставено во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово.

По тој повод, епископот Лешочки господин Јосиф со повеќе свештенослужители на тетовското архиерејско намесништво на Македонската православна црква - Охридска арихиепископија отслужија упокоена литургија за господин Кирил кој почина пред два дена.

- Првпат ме донесовте Вие преосвештен владико за да ми ја покажете верата и љубовта на тетовци кон православната црква и кон се што е македонско и свето. Еве денес повторно сме заедно во овој храм, за сега ние да ви ја искажеме љубовта и почитта кон Вас за сета жртва и за сиот труд што го вложивте за нас. Иако вашето тело лежи пред нас без здив, над нас лебди вашата бесмртна душа, а праведното небо низ солзи не гледа сите и ги слуша воздишките на вашата паства. Цели 46 години неуморно го носевте крстот на архиерејското служење, никогаш не потклекнувајќи и никогаш не обидувајќи да го префрлите на друг, рече во својата беседа господин Јосиф пред присутните во црквата.

Господин Јосиф пред осум месеци токму од владиката Кирил во соборниот храм во Тетово беше хиротонисан за епископ Лешочки. На денешното простување од господи Кирил присуствуваа многу верници од Тетовско, како и претставници од повеќе политички партии и други граѓански здруженија, гарнизонот на АРМ и други.

ФОТО: Утрински весник

најчитано сега