Германија: Владата не разработува планови за излез на Грција од еврозоната
Германската Влада не разработува планови за евентуален излез на Грција од еврозоната, изјави денеска владиниот портпарол Штефан Зајберт.
- Не сум запознат со никакви планови и државното раководство не разгледува такви сценарија, истакна Зајберт, коментирајќи ги наводите на весникот „Билд“ и додавајќи дека политиката на германската Влада кон Грција не е смената.
Претходно, весникот „Билд“ објави дека Берлин подготвува планови за евентуален излез на Грција од еврозоната, повикувајќи се на анонимен владин извор.
Во текстот се наведува дека германските планови содржат опции, кои ги согледуваат последиците од можниот наплив на штедачи кои би ги повлекле своите пари од банките во случај Грција да ја напушти еврозоната.
Според весникот, Владата на канцеларката Ангела Меркел разработувала сценарија во случај на предвремените избори во Грција на 25 јануари да победи партијата СИРИЗА, која сака да ги прекине строгите мерки за штедење и да отпише дел од грчкиот долг.
„Билд“ додава дека владини експерти изразиле загриженост поради евентуален колапс на банки, доколку земјата ја напушти еврозоната.
Германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел пред неколку дена истакна дека Германија сака Грција да остане во еврозоната, дека Берлин нема планови за евентуален излез на Атина од еврозоната, која според него во последните години станала многу постабилна.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа