Екстерното е манипулација - државен испит е концептот на Владата

Државен испит е концептот на Владата, а не екстерно тестирање, како што неточно беа манипулирани студентите и јавноста од некои структури.

Целта на овој концепт, кој е во фаза на финализирање, како што велат за МИА од Владата, е зголемување на квалитетот и проверка на знаењето во рамки на високото образование.

Државниот испит и екстерното тестирање не можат да се поистоветуваат бидејќи разликата меѓу нив е голема. Кај екстерното тестирање се мери дали добиената оценка одговара на знаењето на учениците и има за цел да ги натера наставниците да ставаат реални оценки. Државниот испит, пак, е исклучиво значаен за студентите и не ги засегнува професорите. Овој испит, всушност, треба да ги мотивира и да им помогне на студентите за стекнување на потребното знаење, а не како што се манипулира, да им се прекине студирањето.

Мора да има проверка на знаењето на студентите зашто тоа, како што појаснуваат, е од интерес на општеството, на сите нас и на самите студенти. Неопходно е да постои некој минимум стандард кој треба да е исполнет од студентот.

Самиот концепт на државен испит постои во многу европски земји, меѓу кои во Полска, Чешка, Унгарија и Словачка, каде сите студенти полагаат пред дипломирање, односно на крајот од студиите. Кај нас овој модел е доразработен, унапреден и со цел да им се олесни на студентите државен испит ќе се полага во втора година за прва и втора година од студиите, како и во четврта година по завршување на испитите од трета и четврта година.

Државниот испит ќе биде воведен за студентите од академската 2015/2016 година, а првпат ќе се полага во средината на 2017 година. Полагањата ќе се одвиваат квартално, односно нема да има рок со кој се обврзуваат студентите и ќе може да се полага додека не го положат. Студентите ќе имаат на располагање базен на прашања, односно однапред ќе ги знаат можните прашања кои ќе бидат изведени од Наставната програма што самиот факултет ја има приложено во Одборот за акредитација

Процесот на полагањето на државниот испит целосно ќе го спроведува Одборот за акредитација, како независно тело, а не Министерството за образование и наука или државата.

Прагот на поминување на државниот испит нема да биде изразен со оценка туку во вид на минимум бодови. 

Инаку, систем на државен испит како концепт во македонското образование кај нас постои на Медицинскиот факултет и повеќе од 40 години успешно се применува. Форма на државен испит е и правосудниот испит.

Концептот за државен испит и понатаму ќе се доработува и е отворен за сугестии. Законот со кој првпат ќе се воведе, откако ќе помине на Влада ќе оди на јавна расправа, во која ќе бидат вклучени и студентите.

 

 

Оцени ја веста

21.11.2014 - 15:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега