НАТО : Русија да го повлече зголемениот број на војници на Украинската граница

 

 

 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека Русија испраќа голем број свои војници во Украина и руската страна на границата со таа земја и ја повика официјална Москва да ги повлече своите војници.

- Освен војниците, Русија на тие подрачја испраќа и софистицирана воена опрема, вклучувајќи и системи за воздушна одбрана, рече Столтенберг пред денешниот состанок на министрите за одбрана на земјите-членки на Европска унија во Брисел.

- Станува збор за многу важно распоредување на воените сили и опрема и ние ја повикуваме Русија да ги повлече своите сили и да придонесе за имплементација на мировниот договор со Украина, изјави првиот човек на Северноатлантската алијанса, мислејќи на договорот за прекин на огнот, кој на 5 септември во Минск го договорија  претставниците на Русија, Украина и проруските сили во источниот дел на Украина.

Столтенберг додаде дека Москва би можела да биде дел од мирното решение за конфликот во источниот дел на Украина, а во спротивно може да продолжи да оди по патот на изолација.

18.11.2014 - 13:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа