Ѓорчев: Голем инфраструктурен бум во источна Македонија од идната година

 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ даде силна поддршка за засилена инфраструктурна ревитализација низ Македонија. Како што нагласи пратеникот Владимир Ѓорчев на денешната прес-конференција, проектите од инфраструктурата се приоритетни и веќе се обезбедени средства за започнување на повеќе инфраструктурни проекти во источна Македонија од идната година.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која се обрати Владимир Ѓорчев , пратеник во Собранието на Република Македонија.

 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ изразува силна поддршка на политиката за забрзана и засилена инфраструктурна ревитализација низ Македонија.

Како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, ги подржуваме проектите кои произлегуваат од барањата и интересите на граѓаните.

Како што најавивме во нашата изборна програма, проектите од инфраструктурата ќе бидат меѓу приоритетите.

Обезбедени се средства за започнување на повеќе инфраструктурни проекти во источна Македонија кои ќе започнат следната година:

-       Експресен пат Штип – Кочани

-       Реконструкција на патот Кочани – Македонска Каменица – Делчево

-       Прва фаза од најоштетените делови на патот Пробиштип – Крупиште

Како и продолжување на:

-       Изградбата на автопатот Скопје – Свети Николе – Штип; и

-       Целосна реконструкција и проширување на патот Велес – Лозово – Кадрифаково

Сега малку подетално за поединечните проекти:

Со обезбедените средства ќе започне изградбата на експресниот пат односно главната  магистрала низ источна Македонија која што ќе започнува од Штип, а ќе завршува во Кочани и ќе ги поврзува Чардаклија, Долни Балаван, Крупиште, Чифлик, Облешево и Кочани.

Со овој проект практично ќе се изврши проширување и осовременување на регионалниот пат во нов и модерен експресен пат кој ќе ги поврзува Штип и Кочани.

Според проектот, овој експресен пат треба да биде во должина од 26 километри, кој ќе почнува од клучката кај Три Чешми во близина на Штип и ќе завршува на влезот од Кочани. Се предвидува магистралата да има две ленти за возење од по 3,5 метри широчина, по две ленти за застанување широки по 2,45 метри, а покрај нив од двете страни да се истампонира пат широк по 3,5 метри кој би го користеле локалните жители.

Значи, од моменталната широчина од 6,40 метри, ќе се добие пат се широчина 11,40 метри.

Инфраструктурните проекти како овој се повеќе од потребни особено во источниот дел на Македонија, но секако и низ целата територија на државата.

Овој нов експресен пат ќе допринесе на само за осовременување на патната мрежа во Македонија, но исто така и за побрз економски развој на регионот, вклучувајќи ги индусријата, економските зони, туризмот, земјоделството, рударството и повеќе други гранки.

Покрај тоа што се обезбедија средства за магистралата Штип-Кочани веќе се проектира уште една нова магистрала од Радовиш до Штип во должина од 35 километри која треба да обезбеди поголема сигурност и побрза комуникација на источниот дел на Македонија со централниот дел.

Исто така, со голем интензитет се одвиваат активностите околу новиот автопат Миладиновци - Свети Николе - Штип за кој ние како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја дадовме поддршката во Собранието на Република Македонија. Од планираните 47 километри колку што треба да изнесува новиот автопат веќе 40% се пробиени.

Воедно, кон крајот на 2015 година ќе започне целосната реконструкција и обнова на патот Кочани – Македонска Каменица – Делчево. Исто така, ќе се санираат и одроните и слечиштата на овој пат.

Тука можеме да ја споменеме и делницата од Велес – Лозово - Кадрифаково која што веќе е во третата фаза на својата изградба односно се поставува носечки слој на асфалт.

Сите овие проекти во Источна Македонија ќе направат овој регион да биде поконкурентен и уште попривлечен за инвестирање, ќе ја зголемат безбедноста на патиштата, како за патниците така и за превозниците на разни стоки и услуги.

 

Задоволни сме што се инвестира во сите делови на Македонија, вклучувајќи ги и овие најголеми проекти последниве децении во источниот дел на нашата држава.

15.11.2014 - 15:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа