МОН објави конкурс за стипендии за ученици за 2014/2015

Министерството за образование и наука објави конкурс за вкупно 745 стипендии за ученици во јавните и во приватните училишта, за учебната 2014/2015 година.

Стипендиите се поделени во шест категории: 400 стипендии за социјална поддршка на учениците; 80 стипендии за ученици со статус на деца без родители; 50 стипендии за ученици со посебни потреби; 150 стипендии за талентирани ученици - спортисти; 50 стипендии за талентирани ученици - од кои 45 се за ученици од јавните училишта и пет за ученици од приватни училишта, и 15 стипендии за ученици од угостителско-туристичката струка, соопшти денеска на прес-конференција министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми. 

- Право да добијат стипендија имаат редовните ученици во јавните и приватните средни училишта во Република Македонија. Услови кои треба да ги исполнат се: да не повторувале ниту една година во текот на школувањето, да не користат стипендија од друга институција или фирма и да се државјани на Македонија. Покрај општите услови, за секој тип стипендија има дополнителни услови кои секој од кандидатите мора да ги исполни за да се стекне со правото на користење на паричен надоместок во вид на стипендија, изјавил Адеми.

За стипендија за социјална поддршка ученикот мора да има успех поголем од 4. Во предвид ќе се земе и материјалната состојба на потесното семејство на кандидатот, како и добиените награди од државни или меѓународни натпревари. Критериум за стипендија за ученици со статус деца без родители, е ученикот да има континуиран успех повисок од 3,5 и да приложи потврда со која ќе го докаже статусот на дете без родители. За ученици со посебни потреби, просечниот успех треба да биде најмалку 3, а за талентирани спортисти најмалку 4, при што  ќе се земат предвид и освоени награди на државни или меѓународни натпревари од областа на спортот.

Одличен успех (5) во образованието треба да имаат постигнато кандидатите кои ќе аплицираат за стипендии за талентирани ученици кои, исто така,  треба да имаат освоено награди во поединечна категорија на државни или меѓународни натпревари. Просечен успех од 3,5 е услов за добивање стипендија за учениците од угостителско-туристичка струка. Тие ќе треба да имаат и освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на угостителството и/или туризмот.

- По 2.700 денари месечно стипендија ќе добиваат учениците спортски таленти и талентираните ученици, 2.500 денари изнесува стипендијата за децата без родители и за учениците со посебни потреби, а по 2.000 денари стипендијата за социјалните категории и за угостителско-туристичката струка. Стипендиите се доделуваат во текот на девет месеци во годината, рекол Адеми.

Дополнителни информации се објавени на порталот konkursi.mon.gov.mk, каде што е поставена електронската пријава. Рокот за аплицирање е од 7 до 21 ноември. Резултатите ќе бидат објавени на порталот stipendii.gov.mk на 29 ноември.

08.11.2014 - 14:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа