„Скорпија“ - нова кована пара на НБРМ
Народната банка на Република Македонија издаде и пушти во оптек кована пара за колекционерски цели „Скорпија“ од серијата „Хороскопски знаци“.
Цената на кованата пара „Скорпија“ изнесува 2.700 денари.
На аверсот е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите кои што го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато сино тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем кои што, покрај Сонцето и Месечината, влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите: „Република Македонија“ и „10 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање „2014“ и ознаката „Аг925“.
На реверсот, на левата страна е прикажана стилизирана слика на скорпија. На десната страна е претставено соѕвездие кое што му одговара на хороскопскиот знак Скорпија, насликано на вметнато кобалтно стакленце и опкружено со украс. На долниот дел, по должината на периметарот, е прикажано името на монетата на латински јазик, заедно со симболот на хороскопскиот знак Скорпија. Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи ги симболот Скорпија, дел од украсот, како и нозете и опашката на скорпијата) се насликани со злато.
Кованата пара е изработена од сребро Аг925, со тежина на среброто од 21 грам, чистота на среброто 19,43 грама, во овална форма со димензии од 35 х 45 мм, полирани со 24-каратна златна меѓуоснова и вметнато тркалезно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм.
Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија, соопшти НБРМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа