„Не чувствувам желба за секс“- исповеди на асексуални личности

 

Меди, 23, Сиднеј

Додека секојдневно сме бомбардирани со прикази од сцени во кои е вклучен секс бидејќи тој е мотивација за речиси се` што правиме, малку работи знаеме за луѓето кои не чувствуваат сексуална привлечност.

 

Проценето е дека околу 1% од популацијата себе си се смета за асексуална. Во едно британско истражување во кое учествувале 18.000 испитаници, 1% го заокружиле одговорот „Никогаш кон никого не сум почувствувал/а физичка привлечност“.

Ви пренесуваме искуства на две асексуални личности:

„Асексуална личност е некој кој не чувствува сексуална привлечност кон никого. Немам таква желба. Не ни знаев што е тоа асексуалност додека не наполнив 18 години и сфатив ‘Ах, постои збор за тоа како се чувствувам’“.

„Асексуалните личности можат, но не мораат да имаат желба за воспоставување на романтични односи. Многу мои асексуални пријатели се во врска, но немаат секс. Тие чувствуваат физичко возбудување, но тоа не е насочено кон никого. Можат да се самозадоволуваат, но никој не ги привлекува физички. Можат физички да уживаат во сексот, но не чувствуваат потреба со некого да имаат секс.“

„Кога луѓето ќе слушнат дека сум асексуална, во почетокот се многу збунети. Обично се трудат да го оспорат она што го чувствувам. Едноставно не сфаќаат, мислат дека сум хомосексуална личност или дека ги потиснувам своите нагони. Или коментираат дека во прашање се хормоните и дека за неколку години, кога ќе се заврши физичкиот развој, ќе чувствувам нешто друго.“

„Момците се најнепријатни. Повеќето мислат дека глумам дека сум неосвоива, дека сум конзервативна, или ме прашуваат дали сум религиозна. Имав некои искуства од сексуална природа, но не уживав во нив. Се` ми беше многу чудно и не можев да разберам зошто другите луѓе толку уживаат во тоа.“

„Немам желба ниту за интимност. Спаѓам во 1% асексуалци кои немаат романтични чувства. Љубовните состаноци воопшто не ме интересираат. Во текот на средното училиште имав многу проблеми во друштвото поради тоа што сум, но многу ми помогна тоа што наидов на заедница асексуални луѓе на интернет. Во прашање е навистина отворено друштво кое одговара на прашања и секогаш е подготвено на објаснувања на личностите кои не разбираат за што станува збор. Не им е никаков проблем ниту да ги прифатат оние кои не припаѓаат во целост во оваа категорија. Одлично е да се биде дел од таа група.“

Едвард, 23, Мелбурн

„Луѓето обично чувствуваат сексуална привлечност и имаат желба за сексуални односи. Кога ги набљудувам девојките, имам желба за интимност, но не и за секс. Можете со некого да бидете блиски и без физичка блискост.“

„Асексуален сум, но и понатаму имам романтични чувства, сакам да бидам во врска и сакам близина. Никогаш не сум бил во врска, но постојат луѓе со кои сум бил многу близок. Асексуалните личности многу се разликуваат по прашање на сексуалноста, од оние кои чувствуваат многу малку желба, до оние кои чувствуваат аверзија кон сексот. Јас спаѓам во тие вторите. Едноставно не би се чувствувал пријатно ако имам секс.“

„Сфатив дека сум асексуален кога имав околу 9 години, кога сите останати деца почнаа да размислуваат и да зборуваат за секс. Повеќето мои пријатели знаат за тоа и ме прифаќаат таков каков што сум. Некои прифаќаат, но не разбираат.“

„За жал, повеќето луѓе не знаат што е тоа асексуалност т.е. дека постојат асексуални личности. Мислам дека би било добро да се запознаат со тоа, за што подобро да развијат свест за нас.“

25.09.2014 - 13:09


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега