Ги издрогирале ограбиле и “фрлиле“ на Галичица - еве што им се случило на сопружниците од Скопје
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Г.П.(37) и Г.П.(37) двајцата од Охрид, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. Второпријавениот е во бегство и полицијата презема интензивни мерки за негово пронаоѓање.
На трети овој месец, првопријавениот на автобуската станица во Охрид, по претходен телефонски договор ја пречекал брачната двојка Р.Ѓ. и С.Ѓ. од Скопје со кои имал претходни телефонски контакти околу купопродажба на автомобил „мерцедес“, откако неодамна, двајцата пријавени на социјалните мрежи поставиле оглас за продажба возилото произведено 2002 година по цена од 3500 евра. Во меѓусебните контакти, двајцата пријавени успеале да ја убедат брачната двојка да допатува во Охрид.
-По нивната средба во Охрид, првопријавениот кој на брачната двојка лажно им се претставувал користејќи го името Сашо, ги одвел во својот стан на улицата „Мирче Ацев“ каде им кажал дека неговата сопруга за брзо време ќе дојде и ќе го донесе возилото. Притоа, првопријавениот ги послужил сопружниците со инстант нес кафе и со кисела вода. Набрзо тие почувствувале замаеност и зашеметеност по што им се игубила меморијата.Тие несвесни за своите постапки не се сеќаваат кој, кога и како ги изнел од станот. Истиот ден околу 18,40 часот, откако се освестил сопругот Р.Ѓ. забележал дека лежи на трева во планински предел. Тој на тревата позади себе ја забележал неговата сопруга. Од нејзината чанта и несесерот биле одземени пари, вкупно 2800 евра и 58.000 денари. Тој од мобилниот телефон на сопругата се јавил во СВР Охрид кажал дека не знае каде се наоѓа и дека гледа шума и езеро. По кратко време на патот во близина на местото каде се наоѓала брачната двојка се појавило патничко моторно возило, при што Р.Ѓ. од луѓето во колата дознал дека се наоѓале во место викано „Корита“. Тука брачната двојка е пронајдена од полициските службеници и пренесена во општата болница во Охрид каде се констатирани набиеници и огреботини по главата, градниот кош и екстремитетите на сопружниците и употребено средство со непозната содржина за успивање, стои во соопштението на МВР.
Второпријавениот купил инстант нес кафе и кисела вода од продавница, му ги дал на првопријавениот и се сокрил во подрумска просторија од зградата на улицата „Мирче Ацев“. Тука тој чекал првопријавениот да ги доведе во бессознание сопружниците, ги сместиле во патничко моторно возило па ги однеле и оставиле на местото викано „Корита“ на планината Галичица.