Хеликоптер на АРМ го извади телото на загинатиот битолчанец на Пелистер
Специјална хеликоптерка единица на МВР заедно со специјално обучени лица во планински услови на ДЗС, денеска напладне го извадија телото на загинатиот битолски планинар кое беше пронајдено во провалија во месноста Големо Езеро на Баба Планина.
Портпаролот на СВР-Битола Магдалена Димитровска за МИА, потврди дека телото за починатиот П.К. роден 1981 година во Битола е предадено на обдукција во Клиничка болница со цел утврдување на причините за несреќниот настан на Пелистер.
-Утрово околу 03.30 часот во СВР-Битола беше пријавено дека е пронајдено мртво тело на 32 годишниот битолчанец П.К., кое било лоцирано во провалија во близина на Големо Езеро на Баба Планина. Сега веќе починатиот П.К. заминал на планинарење и последен телефонски контакт остварил во текот на вчерашниот ден во 13.30 часот. Неговите родители испратиле пријатели да го пронајдат П.К. и го пронашле во провалија длабока околу 30 метри, истакна Димитровска.
Поради непристапност на теренот претпладнево беше активирана специјална хеликоптерска единица на МВР со тим од кримтехничари и лекар кои го пронајдоа телото, го извлекоа од провалијата и е предадено на обдукција во Клиничка болница, истакна Магдалена Димитровска, портпарол на СВР-Битола.