Зголемена ефикасност на МВР во борбата против организираниот криминал

Во изминатиот период  од 2014 година, регистриран е позитивен тренд и зголемена ефикасност во откривачката функција на МВР на делата од областа на организиран криминал за 14 проценти, а бројот на пријавени сторители е ист.

Приоритет во борбата на организираниот криминал, како и во изминатите години, се вели во соопштението од МВР, беше ставен на откривање на организираните криминални активности како на поединци, така и на криминални групи, при што ваквиот систематски пристап даде ефикасни резултати и овозможи да бидат откриени поголем број кривични дела од оваа област, како и сузбивање на повеќе криминални групи.

 

Позитивниот тренд и постигнатата ефикасност е резултат на повеќето спроведени   акции на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал кои се однесуваа на сузбивање на криминални групи инволвирани во повеќе криминални активности. Во овој период регистрирани се кривични дела во делот на илегалната миграција, трговија со луѓе, класичната корупција, перење пари, фалсификување пари и трговија со дрога на организиран начин.

 

За одбележување е сузбивањето на осум криминални групи   со  76 лица - членови (тројца албански, еден пакистански, еден бугарски, а останатите македонски државјани). Шест од криминалните групи беа откриени во првото тримесечије, додека две групи се откриени во април и јуни. Помеѓу членовите на групите се јавуваат и седум царински работници од кои тројца се организатори на криминална група и двајца полициски службеници кои учестувале и помагале во вршење на криминалните активности во рамките на групите.

 

Акцентот, се подвлекува, беше ставен и на  прибирањето сознанија и обезбедувањето докази за сторени кривични дела, беа преземени интензивни  мерки и активности што  придонесе за зголемена ефикасност во откривачката функција на МВР. Имено, од вкупниот број на криминални групи, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал  сузби  седум,  а кривично пријави 71  лице,  додека една криминална група е сузбиена од СВР Куманово а пријавени се пет лица.

 

Криминалните групи биле инволвирани во криумчарење на  трговска стока од Грција и Бугарија во Македонија, на жив добиток од Македонија во Албанија, на мигранти од Грција во Македонија кон Србија, ископување на предмети со културно-историска и археолошка вредност на територијата на Македонија, Склучување на фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот користејќи  закани и уцени, давање на  заем парични средства со високи камати и вршење на транспорт и продавање на хероин во Швајцарија, злоупотреба на тендерска постапка за набавка на возила, криумчарење цигари од Македонија во Бугарија и прибавување банкарски податоци од вистински платежни картички, изработувале лажни веб страни, а потоа со украдените банкарски податоци, преку ВЕБ страната префрлале пари на нивно име.  

 

Кај седум криминални групи е утврдено кривичното дело „злосторничко здружување односно 65 сторители се пријавени за 10 вакви дела.

 

Намалена е ефикасноста во откривањето случаи на перење пари, односно откриени се две кривични дела за кои кривично се пријавени 14 сторители.  Случаите се релизирани во првите три месеци од годината од  страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

 

Откривањето на кривичните дела од илегалната миграција е во пораст за 20 проценти, а според анализираните случаи нашата држава главно е транзит земја, каде поминуваат мигрантите, а нивната рута на движење е: илегално ја преминуваат грчко-македонската граница, а потоа во гевгелискиот регион со возила сторителите се упатуваат кон Скопје и Куманово, од каде илегално заминуваат преку српската граница кон западно-европските земји. Само во еден случај, криумчарена е албанска државјанка за да работи во угостителски објект во Тетово.

 

Прокриумчарени се вкупно 203 мигранти (по потекло од Сирија-80, Авганистан-63, Сомалија-25, Еритреја-19, Коморе-четири, Бангладеш-3, Палестина и Брегот на Слонова коска по двајца, и по еден од Конго, Албанија, Пакистан, Гамбија и Египет). Во првото полугодие од 2013 година се криумчарени вкупно 204 мигранти.

 

Откриениот број на случаи на злоупотреба на безвизен режим е на исто рамниште, односно откриени се пет дела, а пријавени осум македонски државјани и еден е бугарски државјанин, кои со патнички возила за паричен износ од 300 до 1.000 евра им организирале транспорт на 22 лица (две семејства) наши државјани-потенцијални баратели на азил чија крајна дестинација била Германија. Излез од државата остварувале преку ГП Блаце, ГП Табановце и ГП Стење.

 

Состојбите во делот на класичната корупција, соопшти МВР, се идентични  како и минатата година. Поткуп примале и посредувале лица вработени во државни институции и лица кои имале одредени овластувања за да извршат незаконски дејствија, додека поткуп давале физички лица кај кои се утврдени одредени неправилности од страна на службени лица за да не се преземат санкции против нив.  Пријавени се началник на Одделение и тројца инспектори во МВР, двајца шумски полицајци, претседател на здружение на граѓани, референт, помлад соработник во Одделение за катастар и доктор кои побарале и зеле поткуп 100 евра, 24.500 денари, 400 евра и 1.000 денари за да непреземат законски мерки во рамки на нивните овластувања. Тројца од вработените во МВР зеле поткуп во висина од 2.000 евра за да не поднесат кривична пријава, а еден зел 1.000 денари за да не напише казна за наводно сторен прекршок, потоа шумски полицајци зеле 100 евра за да не преземат законски мерки поради нелегална сеча, претседател на здружение на граѓани зел 24.500 денари за да не исклучи лице од проект, референт и  помлад соработник примиле поткуп од 400 евра за да незаконски извршат упис на објекти и доктор побарал 100 евра за да издаде потврда за задобиени повреди.

 

Периодов откриени се 32 случаи на злоупотреба на службена положба и овластување со коруптивни елементи, а пријавени се 55 лица од кои 11 полициски службеници, осум царински службеници, 12 директори, тројца членови на комисија, двајца поранешни градоначалници и други одговорни и службени лица. Материјалната штета причинета со овие случаи се проценува на околу 256 милиони денари. Од ове случаи, 13 случа и се однесуваат на корупција од висок профил, а пријавени се 24 лица вработени во јавни претпријатија и други државни институции кои злоупотребувајќи ги своите овластување во работењето вршеле разни инкриминации (злоупотреба на тендерска постпка, склучување штетни договори,  злоупотреба на субвенции и сл.)

 

Зголемен е бројот на регистрирани кривични дела „фалсификување пари“  за 30 проценти, а ефикасноста на расветлување изнесува 36 проценти.

 

Кривично се пријавени 39 сторители кои пуштиле во оптек вкупно 84 фалсификувани банкноти од кои 46 банкноти е фалсификуван денарот (во апоен од 1.000 денари-22 банкноти, 100 денари-15 банкноти и 500 денари-две банкноти) и 38 банкноти се странски валути (22 банкноти во апоен од по 100 евра,  10 банкноти во апоен од 200 евра, две банкноти во апоен од 200 евра, и по една банкнота во апоен од 20 евра, 10 евра, пет евра и 100 американски долари). Фалсификуваните банкноти се пуштени во продавници при купување на разни производи, потоа во угостителски објекти, бензински пумпи, банки, менувачници, казино и други услуги.

 

Од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал реализирани се  и седум  дела недозволена трговија со дрога на организиран начин а пријавени се 35 сторители кои  вршеле продажба на наркотична дрога.

Овој период Одделот документира и 11 дела од Законот за приредување игри на среќа, врз основа на извршените заеднички контроли со Управата за јавни приходи во февруари 2014 година.

02.08.2014 - 14:29
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега