Вељаноски: Цврсти во намерите да ја афирмираме вистината за Македонија

Од ова место, тука, од Мечкин Камен гласно порачувам дека Македонија била е и ќе биде Македонија, македонскиот народ бил, е и ќе биде македонски народ. Остануваме цврсти во нашите намери да ја афирмираме вистината за Македонија! Илинден е другото име за Македонија. Сите жртви на македонските херои низ вековите до денес ја добиваат својата смисла единствено и само заради Илинден, истакна претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во својот говор на Мечкин Камен на  централната манифестација по повод националниот празник Илинден.

Македонија денеска одбележува 111 години од Илинденското востание и 70 години од второто заседание на АСНОМ.

Вељаноски пред насобраните граѓани рече дека 111 години Илинден значат токму толку години од поставувањето на напредните идеи кои и денес звучат  исто толку свежо и современо.

-   Крушевскиот манифест е основата на која почиваат денешните напредни идеи за меѓуетнички и меѓуверски соживот и толеранција, додека Асномската декларација е темелот на демократскиот амбиент во кој живеат граѓаните како личности во оваа наша македонска држава, рече тој. Од ова место, продолжи Вељаноски, да кажеме „слава им“ на сите познати и непознати борци кои го дадоа својот живот за нашата слобода во сите буни, востанија и војни во Македонија низ историјата.

Доколку за време на првиот Илинден, потенцира, му покажавме на светот дека постојат Македонци кои сакаат да живеат во своја македонска држава, како и сите други народи за време на вториот Илинден таквата цел во еден значаен дел ја остваривме. - Заслугата за овој национален успех подеднакво им припаѓаше и на македонската левица и на македонската десница, истакна Вељаноски.

Оцени дека идеите на Крушевскиот манифест, на партизанското движење и на АСНОМ и денес се еднакво силни, како и тогаш кога биле обнародени. Но, вели Вељаноски, нашите политички разлики не смеат да ја загрозуваат Македонија.

Не смееме да говориме „за наши“, и „за ваши“ кога станува збор за Македонија. Македонија е нашата единствена партија и единствена програмска платформа. Да си подадеме рака и да си простиме за се затоа што сите ние сме Македонија. Да застанеме сите зад иднината на Македонија и да работиме сложно како што се бореа и комитите и партизаните, и припадниците на македонската левица и припаднците на македонската десница. Да не дозволиме нашите различни интереси да ги загрозат интересите на Македонија. Мораме да бидеме уште посплотени и поодговорни кога станува збор за интересите на државата. Знам дека имаме сила така да постапуваме, порача првиот парламентарец од Мечкин Камен.

Сите успеси низ историјата, додаде, Македонскиот народ ги остварил благодарение на соработката со Албанците, со Турците, со Србите, со Власите, Ромите, Бошњаците и со сите други, продолжи Вељаноски, и најголемите успеси на македонската слобода биле освојувани тогаш кога заедно еден до друг стоеле и христијаните и  Муслиманите и Евреите. Повика уште повеќе да работиме на унапредување на меѓуетничкиот и на меѓуверскиот соживот.

Македонија, потенцираше Вељаноски, останува посветена на развивањето на односите со сите соседни држави.

- Нашата заедничка иднина е обединета Европа во која вредностите на демократијата ќе бидат подеднакво прифатени од сите нас кои со векови сме тука на Балканот, рече тој изразувајќи верување дека најдобрата иднина за Балканот е обединета Европа и ЕУ.

Интеграцијата на Македонија во ЕУ и во НАТО е нашиот врвен стратешки приоритет, посочи Вељаноски, и уште еднаш ја истакна нашата максимална посветеност во насока на реализација на овие цели.

- Македонија нема друг избор освен ЕУ, интеграцијата во европското семејство на народите е најдобриот рецепт за натамошна модернизација на македонската држава, истакна Вељаноски.

Македонските војници денес гордо ја бранат честа на илинденците и на партизаните како дел од трупите на Алијансата, додаде тој, а влогот ќе биде потполен и оправдан тогаш кога македонското знаме ќе се развие пред седиштето  на НАТО заедно со знамињата на останатите членки на Алијансата. 

- Парадоксално, но вистинито се покажа дека нашето вековно име е нашиот најголем проблем. Некој и денес сака да не се викаме така како што со векови сме се викале и да не бидеме она што од секогаш сме биле. Затоа од ова место, тука, од Мечкин Камен гласно порачувам дека Македонија била е и ќе биде Макеоднија! Македонскиот народ бил, е и ќе биде македонски народ. Остануваме цврсти во нашите намери да ја афирмираме вистината за Македонија! Со истата силина сакам јасно и гласно да порачам дека остануваме подготвени за натамошен развој на дијалогот со нашиот јужен сосед, рече тој.

Продолжуваме да разговараме затоа што не престануваме да веруваме, како, што додаде, дека можеби ќе се смени мислењето кај грчките политичари дека ние сме некаква закана за нивната држава.

Македонија не е, ниту некогаш ќе биде закана за Република Грција. Македонскиот народ не е, ниту некогаш ќе биде закана за грчкиот народ. Изразуваме јасна подготвеност за понатамошен развој на добрососедските односи и вкупната соработка на економски и на секаков друг план. Мораме повеќе да гледаме на нештата што не спојуваат отколку на оние што не разделуваат, рече Вељаноски. Верувам, продолжи тој, дека ќе соработуваме меѓутоа тоа мора да биде на рамноправни основи. - Во духот на христијанската љубов во период кога светот се соочува со овие геополитички предизвици, Република Македонија и Грција мора да завртат нова страна од историјата, верата, надежта и љубовта ќе бидат точките кои ќе ги обединат двата народа најпрво помеѓу себе, а потоа и со истиот бог на кој му припаѓаме и на кој му се молиме, истакна првиот парламентарец.

Повика на единство и обединување. - Извојуваната државност мораме да ја сочуваме, а се е потешко доколку отсуствува единството и секоја цел е подалечна доколку не сме обединети. Затоа како претседател на македонскиот законодавен дом уште еднаш искрено сакам да повикам на унапредување на единството помеѓу партиите. Мораме да ги надминуваме нашите разлики. Не смееме да дозволиме во жарот на политичката битка повредена да излезе Македонија. Да си подадеме рака на овој голем ден, да и погледнеме во очи на реалноста и да го осигураме уште повеќе развојот и демократската иднина на Македонија. За иднината на Македонија одговорност носат сите. И власта, но и опозицијата, истакна Вељаноски.

На оваа генерација политичари, како што истакна, голема цел денес е економски развиена Макеоднија. Досегашните успеси во осовременувањето на животот на македонскиот граѓанин треба да бидат дополнителен поттик за нови дела. Мораме, продолжи тој, да продолжиме да ги поддржуваме македонските семејства бидејќи тие се основата на државата.

- Залудна е секоја жртва на слободата на Македонија доколку морално пропаѓаме. Семејството, како заедница на еден маж и една жена, во која децата слободно се развиваат не смееме да дозволиме да биде релативизирано. Да продолжиме да промовираме проекти кои ќе придонесат повторно детскиот џагор да се слуша низ македонските села и градови. Да продолжиме со промовирање на политики кои ќе го зголемат наталитетот во државата затоа што Македонија ја прават луѓето кои живеат и творат во неа, истакна Вељаноски во својот говор на Мечкин Говор. 

Пред обраќањето претседателот на Собранието Вељаноски и бројни државни, партиски и делегации на граѓански здруженија положија цвеќе на гробот на Никола Карев, во месноста Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската република на Мечкин Камен.

На одбележувањето присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор и граѓани кои по овој повод допатуваа во Крушево од сите краишта на Македонија и од дијаспората.

02.08.2014 - 14:03
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега