Груевски: Ова не е 2001. ниту ќе биде - да не се злоупотребуваат меѓуетничките односи

Иднината на Македонија е наша заедничка. Нашите судбини се испреплетени без оглед на верата, етничката или политичка припадност. Го делиме и доброто и лошото, заедно ги доживуваме и радоста и тагата. Нека тоа дополнително не сплоти, а таа сплотеност нека не направи посилни, им порача премиерот Никола Груевски во говорот во Пелинце на сите оние кои ги ставаат на тест меѓуетничките односи.

Вети дека сериозно ќе се посвети на прашањето на меѓуетничките односи и потенцира дека Македонија природно и вредносно припаѓа на европското семејство.

 

- Нема да дозволиме ситни провокатори кои одработуваат за туѓи или лични интереси, кои многу добро ги знаеме, многу добро, да потпалуваат и да и наштетуваат на државата и на соживотот. Ова не е 2001. ниту пак може да биде. Немојте да злоупотребувате нешто што е вака сериозна и емотивна тема. Немојте да барате причини за создавање проблеми. Причини за проблем ако некој сака, секогаш може да најде или да измисли. Ајде заеднички да покажеме дека можеме да живееме сложно и со почит, истакна Груевски.

 

Препреките, додаде, кои ги имаме верувам дека не се ненадминливи.

 

- Можеби на момент се фрустрирачки и демотивирачки, но нема да дозволиме тие да не изместат од темпото да оствариме подобар животен стандард, побрз развој на државата, похармонично општество и подобар живот на граѓаните.... Делото на Кемал Аголи, Камбер Хасан, Абдула Алија, Неџат Аголи и други Албанци, Турци и останати кои се вградени во оваа држава е посилно од намерите на некои кои гледаат само личен интерес. Албанците се составен дел од оваа држава. Нивната култура и традиција е додадена вредност на нашето општество. Исто како што се тоа и Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците, и сите останати граѓани на оваа држава. Исто како што сме тоа и ние, Македонците. Ова е наша држава - заедничка, порача Груевски.

 

Ние, нагласи, немаме резервна татковина и мора Македонија да ја градиме врз основа на вредности, принципи, почит и разбирање.

 

- Само така ќе можеме да докажеме секаде дека може да се живее заедно и дека универзалните вредности се реални. И ако некој ме праша која е нашата цел? Нашата цел е да се бориме со сета наша сила, која Бог ни ја дал, до последниот наш атом, зедно со сите вас, граѓани на Македонија, да создадеме подобар живот во нашата татковина. Да се бориме силно и посветено за нашите заеднички вредности, без разлика на сите неправди и предизвици пред кои стоиме, истакна Груевски.

 

Додаде дека знае оти граѓаните се дел од секојдневната борба за нов проект, за нова реформа, за ново работно место, за нов пат, училиште, болница, фабрика, субвенции, плати, пензии, стипендии...

 

- Вие сте со на во оваа борба и ние сме горди на тоа. Ние не се откажуваме. Македонците не се народ кој се откажува. Не, Македонците се народ кој се бори, кој гризе и кој знае дека мора да се оди напред и ова е најдобриот ден да се потсетиме на тоа. Борба, тоа е она што треба да го правиме сите ние, од сите етникуми и вери, сплотени, за подобар живот. Иднината на Македонија зависи од нас, од нашата мотивираност, од нашиот труд, од нашата визија за тоа каде сме и каде се гледаме. Нашата задача не е само да ја зачуваме оставината од нашите прадедовци, туку и да ја надградиме, рече Груевски.

 

Се што правиме, нагласи, не смееме да заборавиме дека ќе влијае на иднината.

- Одговорноста за она што ќе им го оставиме на следните генерации е само наша, на сите нас и со истата мора да сме подготвени да живееме и да се носиме. Јас сум целосно свесен за тежината на таа одговорност. Како што бев уште во 2006-тата и се уште сум свесен дека многу работи треба и мора да се променат. Треба да смениме некои практики и навики од минатото. Делата на поединецот ја чинат иднината на сите. Зошто ние не сме два милиони поединци, ние сме неразделна заедница која ја споделува истата судбина. Во ова наше созревање осознавме дека не секогаш е лесно да се остварат желбите и соништата, но исто така знаеме дека напорната работа и беспоштедниот труд, со сигурност повеќе не доближуваат до истите. Водени од оваа мисла, така и ќе продолжиме. Она што е до нас, е да продолжиме неуморно да работиме. Да ја надградуваме и развиваме земјата. Тоа природно ќе не доведе до нашите цели и приоритети, нагласи Груевски.

02.08.2014 - 13:50
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега