Иванов: Континуитетот е наша обврска - без оглед што носи времето

Славењето на првиот Илинден, неминовно е славење и на вториот и третиот македонски Илинден, зашто Илинден не е само Илинденското востание од 1903-та. Илинден е и државотворниот АСНОМ од 1944 и независна и суверена Република Македонија од 1991 година, истакна претседателот Ѓорге Иванов на одбележувањето на Денот на Републиката во Скопје.

- Во овие 111 години, едни се обидувале да ни забранат да го славиме Илинден. Други се обидувале насилно да наметнат славење на некој, за нас непрепознатлив Илинден. Но, македонскиот народ не е наивен и знае дека водата е најчиста на изворот. Илинден е изворот на македонската слобода. Извор од кој се напојуваа генерации борци. Македонскиот народ никогаш не дозволи тој извор на слободата и самобитноста да пресуши или да биде заматен. Тој остана чист и непресушен симбол на нашиот непокор, нашата борба и нашата освоена слобода, рече претседателот на државата во обраќањето пред споменикот на Методија Андонов-Ченто.

 

За првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Иванов рече дека е народен трибун и хуманист, граѓански демократ и морална совест на независна Македонија, кој храбро го застапувал правото на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување. Судењето на  Ченто, рече тој, е и пресуда за АСНОМ, кој ги даде институциите и  Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија и кој, додаде Иванов, и денес не обврзува дијалогот и соработката да ги водиме во институциите на државата.

 

- АСНОМ стана симбол на слободата и израз на суверенитетот на македонската држава...беше краток блесок на суверената и државотворна волја. Блесок што беше засенет од еден режим што проголта многу слободоумни македонски патриоти, луѓе од народот, кои најдобро знаеја што сака народот. Првиот меѓу нив беше Методија Андонов-Ченто...Поклонувајќи се пред Ченто, се поклонуваме на сите кои придонеле за државотворниот АСНОМ. Им се поклонуваме и на сите кои беа неправедно осудени. На Брашнаров и Шатев, Полежиновски и Чучков, Шаторов-Шарло и Пирузе – Мајски, Фотев, Аголи, Соколов и многу други знајни и незнајни патриоти. Ним им пресудија заради љубовта кон Македонија. Ним им пресудија бидејќи Македонија им беше пред сè... Преку Ченто зборуваат и Гоце Делчев и Кузман Јосифовски-Питу, Пере Тошев и Мирче Ацев, Даме Груев и Орце Николов. И комитата и партизанот... Кога на 8 септември гласавме за суверена и независна Република Македонија, тоа го направивме благодарение и на Ченто, рече шефот на државата.

 

Сите кои изгинаа, борејќи се за сонот, додаде Иванов, во наследство ни оставија два завета. Првиот завет е да ја чуваме Македонија. Вториот завет е да ја направиме Македонија просперитетна и побогата.
 
- Слободата не е подарок. Таа е најдлабока почит кон предците, самопрегор пред предизвиците и одговорност кон идните поколенија... Некои сè уште живеат во илузии и бараат одговор на македонското прашање без Македонија и без Македонците, без македонскиот јазик и без македонскиот идентитет. Поставуваат прашање што веќе е одговорено, несвесни дека секогаш ќе се соочат со истиот недвосмислен одговор. Одговор што го дадовме на третиот Илинден, на 8 септември 1991 година... Како што илинденците се бореа против ропство за слобода, како што АСНОМ-ците борејќи се против фашизмот и нацизмот се изборија за држава, така и ние, борејќи се за правда и за човечко достоинство, ќе се избориме за напредна, европска и евроатлантска Република Македонија, истакна Иванов.

 

Во обраќањето претседателот порача да се чува мирот и соживотот и Македонија да се изгради во економски силна и развиена држава во која младите ќе имаат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства, земја на нови знаења и инвестиции и на повеќе работни места.

- По повеќе од 100 години сон за незвисност имаме 23 години независност. Ако можеме да кажеме дека сме имале континуитет на сонот за слобода, сега можеме да кажеме дека го имаме континуитетот на слободна, независна Македонија. Континуитетот е наша обврска, без оглед што носи времето. Ќе има бури, но и тие ќе поминат. Ќе има и предизвици, но и нив сплотени ќе ги надминеме. Бидејќи македонскиот сон се оствари. И на крај, на овој свет ден ви порачувам: Имаме енергија за многу нови потфати, ја носиме одговорноста затоа што знаеме за хероите што ги дадоа животите за Македонија и затоа што мислиме на нашите деца, на нашата иднина, истакна претседателот Ѓорге Иванов на одбележувањето на Денот на Републиката во центарот на Скопје.

02.08.2014 - 11:26
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега