Буралиева одлучи: Дефинитивно останува пратеник

Љубица Буралиева останува пратеник и во Собранието ќе продолжи да дејствува опозициски, но вели, за да се врати демократијата во државата, треба да се побара демократија и во сопствените редови. Засега е неизвесно колкумина пратеници ќе го следат примерот на Буралиева и Грчева, со оглед на тоа што нивните оставки не се констатирани, а во јавноста веќе се шпекулира дека најмалку петмина од опозиционерите се премислуваат за оставките и дека ќе побараат нивно повлекување, јавува Вечер.

Пратеничката на СДСМ, Љубица Буралиева го започна работниот ангажман како пратеник во Собранието. Веќе втор ден е во нејзината канцеларија во законодавниот дом. За ВЕЧЕР открива дека апсолутно останува пратеник. Вели дека го поддржува бојкотот на нејзината партија, но дека според неа, поефективен ќе биде институционалниот бојкот. Во Собранието ќе продолжи да дејствува опозициски, но вели, за да се врати демократијата во државата, треба да се побара демократија и во сопствените редови. Според тоа, одлучила да го задржи пратеничкиот мандат.

-Јас сум на линија на бојкот, но сум за институционален бојкот. Дефинитивно, останувам пратеник, бидејќи моите гласачи ми дадоа доверба на последните избори и очекуваа од мене да ја прифатам пратеничката функција. Сфатив дека со бојкотот одвнатре можеби нешто можам да сменам. Мојата партија ми дозволува демократски да размислувам и јас донесов одлука да бидам пратеник во Собранието. Жалам што со моите сопартијци се разидовме во размислувањата, но јас одбрав да барам демократија во своите редови за да можам да ја вратам демократијата во државата. Немам илузии дека мојот глас во Собранието ќе донесе којзнае каква промена, но сакам мојот глас да го слушнат граѓаните и гласачите. Право на мојата партија е дали ќе ме исклучи од нивните редови, но јас не се откажувам, продолжувам да дејствувам левичарски и опозиционо, вели Буралиева во изјава за ВЕЧЕР.

По Роза Топузовска - Кареска, Љубица Буралиева и Солза Грчева гласно се противеа на одлуката опозициските пратеници да поднесат оставки. Грчева засега е недостапна за коментар, но извори од опозицијата брифираат дека, најверојатно, ќе остане пратеник. Буралиева и Грчева најпрвин поднесоа оставки од функциите заедно со останатите 31 пратеник од опозицијата, но кратко потоа до собраниските архиви поднесоа барање за повлекување на оставките. Засега е неизвесно колкумина пратеници ќе го следат нивниот пример, со оглед на тоа што нивните оставки не се констатирани, а во јавноста веќе се шпекулира дека најмалку петмина од опозиционерите се премислуваат за оставките и дека ќе побараат нивно повлекување.
Во меѓувреме, Собранието ги верификуваше мандатите на девет нови пратеници кои дојдоа на местата на министрите и на премиерот и на оние кои поднесоа оставки.

Нови пратеници се: Андон Чибишев, Светлана Јакимовска, Марија Ангелова, Ѓорѓи Коџобашиев, Благородна Бојаџиева, Алил Ибраими, Драган Данев и Јасмина Дамчевска. На вчерашната седница беше констатирана и оставката од функцијата пратеник која ја поднела Шкодране Дарлишта од листата на ДУИ.

03.07.2014 - 10:52
Фото: 
vesti.mk
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега