Николовски: Ќе ја вратиме довербата во институциите, во системот, младите да ни останат тука

Државната комисија за спречување на корупција може да води постапки само против актуелните функционери и тоа додека се на функција. Тука, вклучувајќи ги и судиите, обвинителите и останатите именувани и избрани функционери и затоа ги имаме слабостите токму на системот коишто треба да ги отстраниме преку нови начини и алатки, изјави вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција за промоција на владината кампања „Сега се е јавно, корупцијата не се исплати“.

Досега, посочи Николовски, немаме ниту една постапка која што е покрената од ДКСК.

-Токму затоа имаме примери многу и во рамки на кривичните постапки и она што моментално го дискутираме во рамки на работната група на Советот на Европа, каде што се претставници на сите институции, токму се подвлечени слабостите особено во кривичните постапки каде што воопшто не доаѓа до конфискација на имотот. Од тие причини за првпат покренуваме иницијатива, дебата, ова ќе го отвориме во пошироката јавност токму за една граѓанска конфискација на база на компаративните анализи коишто ги направивме. Значи, конкретно Владата направи компаративна анализа со Советот на Европа. Тоа е целосна студија на сите земји од регионот и ЕУ и ние треба да го избереме моделот токму на проверката и на олеснување на самата конфискација. Она што ние како тим го работиме е во рамки на системските надлежности и отстранување на системските слабости коишто ги детектиравме, а не во делот на поединечни предмети за што институциите на системот треба да си постапуваат, изјави Николовски.

Прашан дали ќе има „механизам за конфискација на имот на судија или јавен обвинител, ако се утврди случај каде имале корист од поднесува обвинителен акт или донесување пресуда“, Николовски рече, дека во периодот што следи ќе отворат широка дебата за најавените механизми.

– Знам дека јавноста сега е заинтересирана и ова е прашање кое што навистина го привлече вниманието на јавноста од неколку причини заради тоа што, да потсетам, само за актуелни функционери може да се вршат проверките и конфискациите во моментот и има сериозни слабости во целокупниот систем коишто се обидуваме токму на база на оваа физибилити студија со Советот на Европа која што е направена, на база на драфт – предлог-законот којшто ќе го отвориме за јавноста внимателно оваа работа која што после 30 години се носи во нејзе предлогот ќе има соодветен рок во којшто ќе треба да се пријави имотот од страна на сите. Ќе има одреден лимит на кој ќе се проверува, така што и законот ќе се применува за сите граѓани без оглед дали се обвинители, судии, дали биле обвинители или судии. Ние мора системски да ги решиме работите. Токму затоа ќе отвориме таква дебата и работиме многу макотрпно токму на тоа системско решение, посочи Николовски.

За тоа до каде е Законот за конфискација на имот и кои институции ќе проверуваа и врз основа на што, Николовски рече дека, обезбедена е финансиска, експертска, техничка поддршка токму за Законот за потекло на имотот од Советот на Европа и сега работната група има драфт предлог којшто ќе го презентира пред Владата.

– Така што, за сите детали ќе ве молам да имаме трпение. Дадовме соодветни информации од страна и од мене и од работната група и навистина заинтересираноста е голема, меѓутоа да сочекаме да го имаме тој финален драфт – нацрт-предлог којшто ќе го дискутираме. Очекувам широка поддршка од граѓаните, широка поддршка од политичките партии, од сите чинители за да навистина покажеме една сериозност во борбата против корупцијата и да го направиме она кое што граѓаните го очекуваат – да ја вратиме довербата во институциите, во системот, младите да ни останат тука, тие што заминале да се вратат заради тоа што навистина со оваа и со многу други мерки ќе покажеме дека има ред, има владеење на правото, дека законот важи за сите и ова ќе бидат дополнителни инструменти во тој поглед. Меѓутоа, апелирам да сочекаме токму таа конечна драфт верзија Советот на Европа да ни ја презентира, изјави Николовски.  

03.09.2021 - 14:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега