Николовски и Груби се сретнаа во скопски ресторан - разговаравме за коализија за полн, четиригодишен мандат
Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски и Артан Груби од ДУИ се сретнаа денеска.
Како што велат од СДСМ, тие имале конструктивна дискусија за потврда на заложбите на сите граѓани на Македонија за мир, стабилност, безбедност и соработка во земјата и регионот, здрави меѓуетнички и соседски односи, економски развој, правна држава, чиста животна средина и општествена благосостојба.
-Разговаравме за парламентарно мнозинство и за коалиција за полн, четиригодишен, стабилен мандат. Потврдивме дека немаме друга алтернатива за интеграција, освен членството во НАТО и во Европската Унија. Посветени сме за просперитет и долгорочна стабилност на „Северна“ Македонија. Целосно сме согласни за почитување на Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Посветени сме на социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и согласни сме да се спротиставиме на сите форми на национализам и омраза, велат од СДСМ.
Оттаму посочуваат дека разговарале оти евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ.
-Согласни сме дека се неопходни квалитетни, одговорни и отчетни кадри предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципите на евентуалниот коалициски договор. Потврдивме дека партиите се согласни на прочистување на правосудството и на проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен, велат од СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа