Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека во текот на следната недела ќе биде објавен новиот јавен повик во рамки на ИПАРД програмата 2021 – 2027, со што на располагање на земјоделците, преработувачите и руралните бизниси ќе им бидат ставени европски средства за инвестиции во земјоделството и руралниот развој.
Одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Кире Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ, Николоски информираше дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на 24 ноември веќе објавила претходна најава за јавниот повик број 01/2026.
– Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како надлежна институција и договорен орган, објави претходна најава за објавување јавен повик за доставување барања за користење финансиски средства од ИПАРД програмата за периодот 2021 – 2027- рече Николоски.
Тој посочи дека со повикот ќе бидат опфатени три мерки: инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и диверзификација на фирми и развој на бизниси.
Според Николоски, јавниот повик ќе биде отворен 45 дена од денот на неговото објавување во дневните весници, а потребната документација и упатствата за аплицирање ќе бидат ажурирани и достапни на веб-страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Тој ги повика земјоделците и сите заинтересирани инвеститори во руралниот развој да ги искористат можностите што ги нуди програмата.
– Се надевам да ги поттикнеме сите оние земјоделци кои сакаат да инвестираат во земјоделието и руралниот развој да аплицираат и да добијат сериозна поддршка преку ИПАРД програмата. Во зависност од мерката, поддршката може да покрие и повеќе од половина од вкупната инвестиција – истакна Николоски.
Тој додаде дека во изминатиот период биле вложени значителни напори од страна на институциите за ставање на средствата на располагање на корисниците, при што посебно ја нагласи работата на министерот за земјоделство, како и комуникацијата со европските институции во Брисел, од министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

