Извршниот одбор на Народната банка на Србија донесе одлука да ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта Банка А.Д. Белград и почната е постапка за стечај, пренесуваат тамошните медиуми.
Ивршниот одбор на НБС констатирал дека на одземањето на дозвола претходеле контролни активности кои биле спроведени со цел на банката да ѝ се зголеми ликвидноста.
„Утврдено е дека во изминатиот период финансиската состојба на банката значително се влошила, како и дека постои можност за дополнително влошување на финансиската состојба или ликвидноста на банката, со што се загрозени интересите на депонентите“, се објаснува во соопштението на НБС.
Имајќи предвид дека се исполнети условите за одземање на дозволата за работа на банката, НБС наведува дека во согласност со Законот за банки, ја донела наведената одлука со цел да ги заштити интересите на депонентите и да ја зачува стабилноста на финансискиот систем.
Агенцијата за осигурување на депозити во рок од седум работни дена ќе овозможи исплата на осигураните износи и располагање со средствата на депонентите во согласност со Законот за осигурување на депозити, се наведува во соопштението.

