Националната Алијанса за Интеграција (НАИ) соопшти дека резултатите од локалните избори одржани во неделата повторно го потврдиле нејзиниот политички легитимитет и поддршката од граѓаните.

„За помалку од една и пол година, на три изборни циклуси – претседателски, парламентарни и сега локални – политичкиот легитимитет на НАИ е силно и недвосмислено потврден. И на овие локални избори, НАИ е победник на национално ниво“, стои во партиското соопштение.

Според НАИ, фактите и бројките јасно ја потврдуваат нивната водечка позиција:

  • На изборите за општински совети, коалицијата има предност од над 23.000 гласови на национално ниво.
  • Кај изборите за градоначалници, разликата е над 21.000 гласови во полза на НАИ.
  • Во однос на бројот на советници, резултатот е 160 спрема 120, повторно во корист на коалицијата.
  • Доколку парламентарните избори се одржеле истиот ден, НАИ, според нивните анализи, би имала 20 пратенички мандати, наспроти 15 на другите политички партии.

„И овие локални избори јасно потврдија дека НАИ е победник на национално ниво“, додаваат од коалицијата.

Како што се наведува во соопштението, најголемата новина во овој изборен циклус е историската победа во Општина Чашка, каде што, според НАИ, „двете македонски партии прават сè што можат со приговори и оспорувања за да ја поништат волјата на граѓаните“.

Од НАИ посочуваат дека се постигнати длабоки и убедливи победи во Гостивар, Врапчиште, Липково, Пласница и Чашка, а дека во Кичево, Струга, Тетово, Боговиње и Студеничани партијата ја задржала довербата и водството, влегувајќи во вториот круг.

Во Куманово, како што велат, НАИ излегла како „апсолутен победник и во трката за градоначалник и за совет“, при што само 58 гласа недостигале за пласман во вториот круг – што, според партијата, е „јасен доказ за нашата политичка сила на теренот“.

„Денес сме целосно мобилизирани за вториот круг на изборите и преземени се сите мерки за да се заштити и продлабочи оваа победа на граѓаните“, се наведува понатаму.

НАИ во соопштението посочува и на, како што велат, институционални злоупотреби и притисоци врз гласачите за време на кампањата, но истакнува дека „таа стратегија не успеа“.

„Сите ја видовме ‘асфалтната кампања’, ноќните бетонирања и инфраструктурните работи без процедури и познат инвеститор, направени само за изборен ефект. Но граѓаните го препознаа тоа и одолеаја“, се додава.

Во заклучок, од НАИ порачуваат дека со над 23.000 гласови предност на национално ниво, нивната победа е неспорна:

„Ова е вашиот легитимитет, вашиот глас и вашата доверба што НАИ ја освои со работа, посветеност и визија. Во вториот круг влегуваме обединети, мотивирани и уверени дека повторно ќе ја потврдиме волјата на албанскиот народ – НАИ е првата национална сила и победник на секое ниво“, стои во соопштението.

Exit mobile version