Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека во изминатиот период повторно е забележана зачестена појава на измамнички пораки преку СМС, електронска пошта и социјалните мрежи, со кои граѓаните се доведуваат во заблуда дека треба да извршат уплата за наводно направен сообраќаен прекршок регистриран од системот „Безбеден град“.
-Станува збор за обиди за фишинг измами, при што преку лажни пораки и линкови се бара од граѓаните да пристапат до веб-страници и да внесат лични и банкарски податоци, со цел нивна злоупотреба. МВР апелира до граѓаните да бидат особено внимателни и да не отвораат сомнителни линкови, да не внесуваат податоци од платежни картички, лозинки и други лични информации на непроверени веб-страници, ниту да вршат уплати преку линкови добиени во сомнителни пораки. Воедно, потсетуваме дека официјалните СМС известувања за сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“ се испраќаат од испраќачот „MVR-SC“, задолжително ја содржат регистарската ознака на возилото со кое е направен прекршокот, а линкот води до официјалната веб-страница со домен http://safecountry.mvr.gov.mk, велат од МВР.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи презема мерки и активности за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.

