На четирите малолетнички против кои се водеше постапка за бруталното насилство врз 13-годишно девојче во скопската општина Ѓорче Петров им е изречена мерка упатување во воспитно-поправен дом, објави порталот „Скопје 1“.
Според нивните информации, судија за деца во Основниот кривичен суд Скопје изрекол мерка во траење од една година за првообвинетата малолетничка, додека за останатите три мерката е во траење од по осум месеци.
Одлуката сè уште не е правосилна. Судската одлука е во фаза на писмена изработка и сè уште не е експедирана, односно доставена до странките, потврдуваат од Кривичниот суд за „Скопје1“.
Станува збор за случајот што ја вознемири јавноста откако група деца во два наврати физички малтретирале 13-годишно девојче, ученичка во основно училиште во Ѓорче Петров, додека дел од присутните го снимале насилството со мобилни телефони.

